Љубовта значи откажување од претходниот живот!

Ја прегрнувам перницата колку што можам посилно, моја најголема пријателка е, најдобро слуша - најмалку критикува.

ljubovta-znaci-otkazuvanje-od-prethodniot-ziot-01

Овие четири ѕида знаат што ме мачи, знаат која е мојата болка, но никогаш не ми дадоа поддршка. Стојат така исправени и горделиви и ми нудат само студ и нем поглед.

Милион пати посакав да ги разбијам со тупаница да им покажам дека и не сум толку немоќна. За разлика од нив перницата е многу подобра, секогаш ми дава прегратка, топлина, ги брише моите солзи и осаменост.

Понекогаш можеш да живееш со милион луѓе и пак да бидеш сам, а некогаш само еден човек ти е како цел свет да е на купче.

Поминав многу за кратко време, го изодив пола пат на пеколот. Ако го сретнам Данте некогаш ќе му кажам дека многу грешел, пеколот нема 9 кругови, сигурна сум. Тоа е лавиринт од кој нема излегување.

Таа приказна не е ниту малку наивна и побожна. Во лавиринтот сретнував сонце и цвеќиња. Сонцето брзо зајдува, цвеќињата венеат како магнолијата кога ќе ја скинеш од дрвото. Велат убавото кратко трае, за да се сеќаваш долго на него. Којзнае која е вистината...

Мразам што не сум своја на своето, мразам што за една среќа напуштив милион други. Никогаш не  научив дали жената е украс на природата или нејзина грешка. Мислам дека е второво, како да е создадена од погрешни причини за вистинските цели.

ljubovta-znaci-otkazuvanje-od-prethodniot-ziot-2.jpg

Но, да започнам со ред. Во времето кога го носев светот на свои плешки, кога чувствував дека кулите од карти ми се рушат, се случи спектакуларен момент.

Тој, вистинскиот, во најмагичната природа, на најсветото место го направи чинот на најбожественото. Неочекувано го добив прстенот на новиот живот, зашеметена од сите случувања, емоциите ме издадоа.

Ништо не посакував повеќе од тоа, но во некое друго време. Само прашања ми поминуваа низ главата што ќе се случи со мојата работа, дома, со моето семејство, како ќе бидат без мене баш сега кога сите имаат здравствени проблеми?

Колку и несебично да размислував за моето семејство морав да ја допрам и точката што со мене?

Нови правила, нов град, нови проблеми, излегување од познатиот свет и влегување во нешто ново. Тоа е дарбата на поголемите грешници - да бидат нечии принцези и нечии вештерки.

Разликите се во прилагодувањето и во начинот на перцепција. Некого можеш да сакаш со години, да бидеш во врска со години, но животот со тој истиот не е ист како врската.  Се преселив во нов свет, но сè уште сум врзана со стариот.

Знаете, може да поминете илјадници километри, но секогаш ќе се најде некој или нешто што ќе ве врати онаму од каде што започнавте.

Ја прегрнувам перницата, таа добро ги познава моите кошмари. Секој кошмар е трн кој остава некоја лузна и навестува нешто ново. Барем новото да беше нешто прекрасно.

Ја прегрнувам за сите оние ноќи кога сум била сама или осамена, некогаш во болка, некогаш во мачнина, некогаш вознемирена и некогаш потоната во сладок сон. Вечерва повторно сум сама, секако во дружба со кошмарот, со несоницата и уморот.

Жена сум - цел ден без престан го носам бремето на канцеларијата, мојата приватна работа и домаќинството.

Вистинскиот станува вистински сон, но не е овде, ќе ја завршиш целата работа ќе бидеш подобра, па посилна, но никогаш нема да бидеш најдобрата.

Баба ми беше паметна жена секогаш ми велеше: „И да бидеш најдобра на светот и најобразована, повторно ќе бидеш домаќинка. Ќе имаш само двојно бреме, образование и памет поголем од оној на кој ќе му слугуваш“.

Ја научив нејзината лекција, жена сум, а тоа значи дека сум прилагодлива, ранлива во душата, цврста во телото, предадена на љубовта.

Автор: Марина Дојчиноска Манасиева

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg