Која од нив те сака повеќе од мене?
И после каква било непотребна кавга, после секој конфликт со него секогаш беше Таа која попушташе. Не дека немаше гордост или пак дека беше „лесна" девојка тука затоа што го сакаше.
Го сакаше толку многу што се плашеше еден ден да не го изгуби, да не остане сама. Гледаше низ прсти за секоја негова грешка, кога тој ќе направеше нешто Таа беше онаа која се извинуваше за неговите постапки.
Неговите непромислени зборови и го кинеа срцето, но и тоа го издржуваше. Беа заедно долго време, заедно, а кога велам заедно мислам на тоа: Таа негова, а тој сечиј.
Беше најубавата девојка во градот, но тој нејзината убавина не ја забележуваше само затоа што Таа не беше како останатите девојки за една вечер.
Нејзе не ѝ беше важна бројката со колку била пред него, и не се срамеше да каже дека ѝ е прв. Тој неа прв, а таа нему стота! Љубомората е комбинација од љубовта и стравот.
Таа беше многу љубоморна, но вешто го криеше тоа во себе, не му даваше до знаење дека е љубоморна на секоја девојка што му виси на врат, напротив само со блага насмевка ќе ја поздравеше.Тој знаеше дека може да биде со неа во кое било време, ја искористуваше нејзината љубов и го оцрни нејзиниот образ.
Едно есенско утро Таа стана пред него. Набрзина си направи кафе и побрза да се истушира. Тој не беше сè уште станат, а и како би бил кога синоќа се имаше вратено доцнa, како и обично.
Беше недела, неработен ден, ден за одмор. Како би се одморила денес, кога не можеше веќе да издржи,едно од работа, едно од него.
Отиде до спалната да се облече, но како некој ѓавол да ја натера да го провери неговиот телефон иако тоа го правеше многу ретко, скоро никогаш. Веднаш ги отвори повиците, а таму што да види.. Една Маја, друга Елена, трета Стефанија, Александра, Лидија...
Очекуваше нешто, но не до толку, остана подзината, не можешe да разбере што се случува, сакаше да биде тоа само сон. Стоејќи изненадена почувствува бакнеж на вратот, тоа беше тој, извалкан и студен и со тивок глас прошепоти: „Знаеш дека си моја единствена“.
Таа полуде, збесна, во нејзината глава илјада гласови одекнуваа, а како да не можеше да изусти ниту збор, зар сè уште има храброст да ја нарекува „моја“. Се заврти и го погледна право во очи.
Со поглед го убиваше, собра доволно храброст да му го постави последното прашање. Со треперлив глас праша: „Која од нив те сака повеќе од мене?“ - Одговор секако немаше, само засрамен поглед и бледо лице.
Стоеше пред неа како статуа, како мачка да му го изела јазикот. А и што би одговорил знаејќи дека никоја не го сака како Таа. Таа не чекаше многу, си ги собра работите и замина. Замина засекогаш. Пустината завладеа во нејзиното срце.
После неколку дена тој најде едно ливче на кое му беше оставила кратка порака. Порака која гласеше: „Би сакала еден ден да најдеш некоја која ќе те сака како мене и да бидете среќни, штета, но јас не се раѓам двапати“.
Автор: М.М.
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!