Биле затворени во установа, никој не ги посетувал, лажеле дека се мртви – што се случило со братучетките на кралицата Елизабета?

Нериса и Кетрин се црна дамка во историјата на британското кралско семејство – уште во младоста, двете девојки биле затворени во ментална установа бидејќи имале пречки во развојот, немале ниту една посета, а извесен период кралското семејство лажело дека се мртви.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta-01.jpg

Оние кои ја гледаат серијата The Crown, веројатно се сеќаваат на епизода од четвртата сезона во која се спомнува една од најмрачните тајни на британското кралско семејство.

Во епизодата, сестрата на Елизабета, Маргарет, случајно дознава дека имаат две братучетки кои биле затворени во ментална установа и скриени од целиот свет, вклучувајќи го и семејството.

Како многу детали од серијата, и оваа трагична приказна е, за жал, вистинита.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta.jpgКетрин и Нериса во серијата The Crown

Сестрите Нериса и Кетрин Боус-Лион се ќерки на Џон Херберт Боус-Лион и неговата сопруга Фенела. Џон е брат на кралицата-мајка, односно мајката на Елизабета, што значи девојките Нериса и Кетрин се први братучетки на кралицата.

Нериса била родена во 1919 година, а Кетрин во 1926-та. На почетокот на 1940-тите двете девојки биле затворени во ментална установа од нивната мајка, а скоро целото кралско семејство мислело дека се мртви.

Според некои извори, кралицата Елизабета знаела за нив, но сметала дека тоа е проблем на нивното семејство - Боус-Лион.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta-06.jpgКетрин

Двете девојки имале проблеми во развојот и ниту една од нив не можела да зборува. До денес не е познато која е нивната дијагноза.

Бидејќи се родиле во период кога не се обрнувало никакво внимание на лицата со посебни потреби, девојките биле запоставени и од здравствениот систем, и од нивното семејство.

Во 1941 година, кога Нериса имала 22, а Кетрин 15 години, тие биле испратени во менталната установа Royal Earslwood Hospital, каде што го поминале речиси целиот живот.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta-03.jpgУстановата во којашто биле затворени сестрите

Наводно, никој од кралското семејство не ги посетувал, не им испраќале пари, ни пораки за роденден или Божиќ, а во 1960-тите биле прогласени за мртви. Но, ова не било воопшто точно – Нериса починала дури во 1986 година, а Кетрин во 2014-та.

Јавноста дознала за тажната судбина на сестрите по смртта на Нериса во 1986 година. Британските новинари го откриле гробот на Нериса кој немал ни надгробна плоча и бил обележан само со сериски број и нејзиното презиме.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta-02.jpgГробот на Нериса

Јавноста бурно реагирала на овие новости кои навистина го оцрниле кралското семејство, најмногу поради лажирањето на смртта на сестрите.

Од палатата, пак, изјавиле дека немале никаква намера да ги скријат сестрите и дека лажните вести за нивната смрт биле само грешка во пополнувањето формулари.

Сепак, тој период британските медиуми објавиле бројни стории во кои нивните извори тврделе дека сестрите биле целосно напуштени и заборавени од семејството, додека другите членови уживале во кралскиот луксуз.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta-04.jpgКетрин во 1987 година

Во 2011 година беше направен и документарец за судбината на Нериса и Кетрин во кој зборуваат поранешни вработени во менталната установа.

Една од нив е медицинска сестра која имала 20 години кога почнала да се грижи за сестрите во 1970-тите.

„Ако на телевизијата се појавеа кралицата или нејзината мајка, тие покажуваа восхит. Очигледно, имаа некакво сеќавање за нив. Беше многу тажно. Само помислете каков живот би можеле да имаат. Тие беа прекрасни сестри.

Не можеа да зборуваат, но испуштаа глас и покажуваа со рацете, па се разбираше што сакаат да кажат. Доколку беа родени денес, веројатно би добиле соодветна терапија и би можеле да комуницираат подобро. Сестрите разбираа многу повеќе отколку што мислеа луѓето“.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta-07.jpgНериса

Според друга медицинска сестра, Нериса и Кетрин биле прекрасни личности и одвреме-навреме биле непослушни. Но, таа истакнува дека грижата за нив не претставувала никаков проблем.

Како што веќе кажавме, тие биле родени во период кога проблемите со менталното здравје биле табу. Според овие верувања, тие би можеле да го нарушат угледот на семејството, па биле тргнати настрана од јавноста и затворени во установата – одлука што ја донела нивната мајка.

Уште полоши се условите во коишто морале да живеат Нериса и Кетрин – тој период менталните установи воопшто не го нуделе она што им е потребно на пациентите и во повеќето случаи само им ја влошувале состојбата.

bile-zatvoreni-vo-ustanova-nikoj-ne-gi-posetuval-lazhele-deka-se-mrtvi-shto-se-sluchilo-so-bratuchetkite-na-kralicata-elizabeta-05.jpgКралицата Елизабета, нејзината мајка и нејзината сестра Маргарет во периодот кога Кетрин и Нериса биле однесени во установата

Во 1960-тите избил и скандал откако биле разоткриени ужасните услови во ваквите установи кои речиси секогаш биле преполни, а со многу мал број вработени.

Установата во којашто биле сестрите била затворена во 1997 година. До нејзината смрт во 2014-та, Нериса била преместена во друга установа, наводно со подобри услови.

Прочитајте и  Хитлер ја нарекол „најопасната жена во Европа“ – мрачни факти за Елизабета, кралицата-мајка

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

10-те најлоши дадилки во историјата: Им биле доверени деца, а тие извршиле сурови убиства Бети Смити од САД имала само 20 години кога била прогласена за виновна за убиств...
Хит прирачник како да си го уништите животот (слатко ќе ве насмее) „Не оди на доктор, игнорирај ги симптомите. Се чувствуваш уморно? Не грижи се, т...
Најубавите женски имиња инспирирани од цвеќиња (и нивното значење) За родителите од големо значење е на своето дете да му дадат име кое гордо ќе го...
Луѓе кои биле нападнати од сериски убијци и се спасиле Тед Банди е еден од најпознатите сериски убијци одговорен за смртта на над 30 же...
„Нема да се омажам за тебе“: 8 жени открија зошто ги одбиле своите партнери „Ме побара за сопруга и ми рече да си ставам тетоважа ‘приватна сопственост, заф...
Пливањето со полн стомак е опасно – Најчестите летни митови во кои веруваме сите Доколку го чувате кремот за сончање од минатата година, веднаш фрлете го. Раната...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg