„Им течеше крв од очите“: Страшното сведоштво на единствената преживеана во трагедијата на планината Хамар Дабан во Русија
Во 1993 година, шест планинари под водство на експерт во планинарење почнале да ја искачуваат планината Хамар Дабан. Но, неколку денови подоцна умреле, а страшните сведоштва на единствената преживеана девојка само ја продлабочуваат мистеријата.
Инцидентот кај Дјатловиот превој каде што неколку планинари загинале на планината Урал не е единствената мистерија од Русија.
Во 1993 година имало сличен инцидент, каде што неколку планинари умреле под мистериозни околности. Разликата со Дјатловиот превој е што овојпат една планинарка преживеала, а нејзиното сведоштво е ништо помалку од морничаво.
Во 1993 година, искусната планинарка Лудмила Коровина организирала планинарска тура за искачување на планинскиот венец Хамар Дабан. 41-годишната Лудмила се сметала за експерт во нејзината област, па никој не би помислил дека може да се случи трагедија под нејзино раководство.
Лудмила Коровина
Лудмила и шест млади планинари тргнале да ја искачуваат планината во лето. Ова била популарна дестинација за планинарење и се смета за безбедна рута, особено во летниот период.
Покрај Лудмила, групата ја сочинувале Александар Крисин (23), Татјана Филипенко (24), Денис Швачкин (19), Валентина Уточенко (17), Викторија Залесова (16) и Тимур Бапанов (15).
Планинарите почнале со искачувањето на 2 август и очекувале сончево време. Во областа имало уште две планинарски групи, а сите три планирале да се сретнат на 5-ти август, односно кога ќе им се вкрстат патиштата за време на планинарењето.
Првите два дена од планинарењето поминале без проблеми, но на 4-ти август, ги затекнала бура со дожд.
Бидејќи планинарите биле преморени, Лудмила одлучила дека е најдобро да постават камп додека да се стабилизира времето. Следниот ден се разбудиле и се подготвувале да продолжат со турата.
Тој ден Лудмила и планинарите требало да се сретнат со другите две планинарски групи, но никогаш не се појавиле на договореното место. Другите две групи не биле загрижени за ова бидејќи претпоставиле дека се поназад од планираното поради дождот.
Но, реалноста била многу пострашна.
Кампот на планинарите
Дури на 10-ти август станало јасно дека планинарите загинале, а нивната смрт до денес е обвиена со мистерија.
Тој ден, група кајакари биле покрај река во подножјето на планината Хамар Дабан, кога забележале осамена девојка. Веднаш отишле до неа и, според некои извори, забележале дека е покриена со засушена крв.
Преплашената и шокирана девојка почнал да раскажува што се случило и се претставила како Валентина Уточенко – 17-годишната планинарка од групата на Лудмила.
Кајакарите веднаш ја однеле во најблиската полициска станица.
Според нејзиното сведоштво, таа и нејзината група поставиле два шатори. Следното утро почнале да се движат и изоделе околу 10 метри, кога еден од планинарите паднал. Другите пробале да му помогнат, но тој повторно паднал.
Планинарската група на Лудмила
Лудмила, лидерот на групата, седнала до планинарот и им рекла на другите да продолжат да се движат. Но тогаш почнале да се случуваат чудни работи.
Лудмила почнала да вика и групата веднаш се вратила назад. Тие забележале дека очите на паднатиот планинар се ширум отворени, а Лудмила му го проверила пулсот и заклучила дека неговото срце не чука.
Наводно, во тој миг од очите и ушите на Лудмила почнала да тече крв, а на устата ѝ се направила пена. Почнала да се држи за вратот како да не може да дише, па набрзо и таа паднала на земјата. Веднаш потоа, уште една девојка ги покажала истите симптоми, а дури почнала и да си ја удира главата од голем камен.
И останатите планинари умреле на сличен начин во период од само неколку минути. Останала само избезумената Валентина која почнала да бега и да се симнува по планината.
17-годишната девојка поминала неколку ноќи на планината додека се обидувала да најде помош. Пред да тргне на пат, набрзина зела дел од храната и опремата што ги оставиле планинарите со цел да преживее. Потоа била најдена од кајакарите.
Потрагата по мртвите тела на планинарите почнала на 24 август и биле потребни неколку денови додека да ги најдат. Нивните тела биле најдени со малку облека.
Според аутопсијата, сите планинари умреле од хипотермија, освен Лудмила која имала инфаркт.
Сите планинари имале повредени бели дробови и покажувале знаци на неисхранетост. Експертите заклучиле дека ова се дел од причините за нивната смрт која, на крај, како класифицирале како несреќа. Што значи, никој не го зел предвид необичното сведоштво на Валентина.
Сепак, многу експерти сметале дека е практично невозможно да се умре од хипотермија на таа локација.
Бидејќи Лудмила била експерт за планинарење, таа била свесна дека во лето доволно е да се запали оган на таа планина за да се избегне смртта од хипотермија.
Поради ова, постојат бројни теории за судбината на планинарите, но ниту една од нив не дава одговор.
Некои сметаат дека планинарите можеби налетале на некаков воен експеримент, па биле убиени поради тоа што го виделе. Сепак, многумина не се согласуваат со ова бидејќи планините се популарна атракција и не е логично таму да се изведува таен експеримент.
Некои истакнуваат дека симптомите што ги опишува Валентина можат да бидат предизвикани од некакво хемиско оружје. Наводно, ова се совпаѓа со повредите на белите дробови бидејќи некои вакви хемикалии можеле да го предизвикаат тој симптом. Ова ја објаснува и хипотермијата – ако тие изгубиле свест, останале на студено време без оган.
Некои, пак, сметат дека наодите од аутопсијата кажуваат сè, но дека Валентина преувеличила некои детали во нејзиното сведоштво. Сепак, девојката била во шок.
Постои верување и дека планинарите можеби се напиле вода од загаден поток – во областа често се фрлал токсичен отпад – по што им се јавиле симптомите. Валентина можеби се напила помалку, па затоа преживеала.
Или, можеби планираните по грешка изеле отровни печурки што им ги предизвикале симптомите.
Најверојатно овој инцидент секогаш ќе биде обвиен со мистерија најмногу бидејќи по изјавата, Валентина одбива да зборува за настанот.
Била контактирана и од медиуми и од експерти, но секојпат одбивала да каже што било.
Неколку години по несреќата, Валентина завршила факултет и се преселила во друг град за да може да ги избегне сеќавањата од трагедијата. Најверојатно, Валентина уште живее во Русија.
Прочитајте повеќе: Избегале од шаторот без опрема на -20 степени, биле најдени без очи - мистериозната смрт на планинарите на Дјатловиот превој
Спирова С. | Црнобело