Жена не знаела дека е бремена - се породила во авион среде лет со помош на патниците
Патниците во авионот на Delta Airlines за време на летот до Хонолулу, Хаваи имале вистинско изненадување. Никој, па ни самата мајка, кога се качиле на авионот од Солт Лејк Сити, САД не очекувале дека авионот ќе слета со еден патник повеќе.
Како што пренесуваат американските медиуми, Лавинија „Лави“ Моунга воопшто не знаела дека е бремена во 27-мата или 28-мата недела. Така, кога на 28-ми април на летот до Хонолулу започнало породувањето тоа било вистинско изненадување како за сите патници во авионот, така и за мајката.
„Нашата сестра не знаеше дека е бремена и таа беше подеднакво шокирана како нас кога нашиот внук се роди“ – напишаа сестрите на мајката на страната на GoFundMe каде веќе се собрани околу 6.000 долари.
Среќната околност била тоа што во авионот имало цел медицински тим: лекарот Д-р. Дејл Глен од Hawaii Pacific Health, како и медицинските сестри Лани Бамфилд, Аманда Бидинг и Мими Хо.
„Не знам како некој пациент може да биде толку среќен за да има три акушерки на истиот лет каде добива неочекувани породилни болки, но таква беше ситуацијата. Најдобро беше тоа што имаше тимска работа. Сите се здружија и сите помогнаа“ - изјави Моунга.
Доктор Глен вели дека имало повик преку звучниците на авионот на половина пат од летот, а дека стјуардеса дополнително го информирала за што се работи. Кога стасал до пациентката, трите акушерки, кои имаат искуство и познавање од предвремени породувања, веќе биле до неа.
Со оглед дека немале соодветна медицинска опрема, лекарскиот тим морал да се снаоѓа, па така наместо инкубатор, користеле затоплени шишиња од микробранова, а со паметен часовник ги мереле отчукувањата на срцето на бебето за време на преостанатите три часа од летот.
Инаку Лавинија Моунга живее во Орем, Јута, а кога се породила била на пат да го посети нејзиното семејство. По слетувањето таа и бебето веднаш биле пренесени во болница.
Мајката била пуштена на домашно лекување неколку денови подоцна, а новородениот Рејмонд ќе остане во болница сè додека не биде подготвен во целост да си оди дома.
Целата приказна била снимена од страна на Џулија Хенсен, која го објави видеото на нејзиниот Тик Ток профил:
@juliabernice It’s the ‘baby being born while we’re above the Pacific Ocean’ for me
♬ original sound - Julia Hansen
Б. С. Б. | Црнобело / фото: Yahoo News