Сид и Ненси - најмрачната љубовна приказна за панкерските Ромео и Јулија
Ромео и Јулија на панкот, Сид и Ненси, починале трагично пред 41 година. Ненси била пронајдена мртва во хотелската соба, а три месеци по нејзината смрт пронајдено е и телото на Сид Вишес.
Џон Сајмон Ричи (познат како Сид Вишес) е роден на 10 мај, 1957 година, во Лондон, а денес би имал 62 години. Кои биле Сид Вишес и Ненси Спанджен и зошто ги сметаат за панкерските Ромео и Јулија?
Познат по својата нервозна и бунтовна личност, неуредна појава и однесување, Сид Вишес бил идеален избор за басист на Sex Pistols. Иако не знаел да свири, популарниот британски панк-бенд го поканил токму поради неговиот див карактер.
Вишес на тој начин станал најпрепознатливиот член на бендот. Настапите му влегле во крвта, па тој често цела ноќ свирел песни од бендот Рамонс.
Без оглед на музичките способности и фактот што членовите на бендот понекогаш го гаснеле неговото појачало, тој бил легендата на бендот.
Sex Pistols се основани во 1975 година. Нивните песни изразувале незадоволство од социјалните и политичките услови во тоа време. Бендот немал волја или желба да создава хитови, туку свиреле за себе.
Тие никогаш не ја криеле својата природа. Во едно телевизиско интервју во 1976 година, биле толку непристојни што нивната издавачка куќа им дала отказ.
Покрај музичката кариера, Сид останал запаметен и по познатата љубовна приказна со Ненси Спанджен, чие тело било пронајдено во соба број 100, во хотелот Челзи.
Сид ја запознал Ненси во седумдесеттите години. Таа била девојка која ја напуштила Филаделфија на 17 години за да патува во Њујорк, работејќи како стриптизета и проститутка.
Отсекогаш била хиперактивна и агресивна, а лекарите ѝ дијагностицирале многу болести, од биполарно растројство до шизофренија. Животниот сон на Ненси бил да живее со музичари, не за слава и пари, туку за уживање во таквиот животен стил.
Кога имала 19 години го запознала Сид, а оттогаш Сид и Ненси станале неразделни. Нивната врска била исполнета со караници, борби, дрога и алкохол. По распадот на Sex Pistols, за кој многумина ја обвинувале Ненси, парот се преселил во Њујорк.
Ненси се претставувала како менаџер на Вишес. Ги организирала настапите кои не ја воодушевувале публиката, бидејќи Сид, во тоа време, бил постојано дрогиран. И двајцата едно време се обидувале да се откажат од дрога, но секогаш им се враќале на старите навики и хероин.
Кога бил уапсен, во 1978 година, Сид ги гледал луѓето околу себе, како ништо да не му е јасно. Во хотелот Челзи, во кој многу уметници поминувале време, било пронајдено мртвото тело на Ненси.
Кога Сид бил уапсен поради убиство, тој не се сеќавал на ништо, само плачел и викал дека не е виновен. Ненси имала само 20 години.
Неколку месеци по смртта на Ненси, Сид, исто така починал од предозирање со хероин.
За трагичниот пар се напишани многу книги и снимени се многу филмови. Сид и Ненси се сè уште еден од најпознатите парови во светот.
Смртта на Ненси никогаш не била целосно истражена, а што точно се случило таа трагична вечер, во хотелот Челзи, во соба број 100, веројатно никогаш нема да дознаеме.
Ашера | Црнобело