Приказната за самовилските кругови - што претставуваат?
Самовилските кругови, или прстени, претставуваат природен феномен, а го создаваат печурки наредени во совршен круг. Некои од овие кругови се толкуваат како знак на среќа, а некои како лоши знаци и несреќа.
Самовилскиот круг може да биде во различни димензии, со дијаметар од неколку сантиметри до 50 метри и повеќе. Кругот пронајден во Белфорт (Франција) се смета за најголем досега, со дијаметар од неверојатни 600 метри и старост од повеќе од 700 години.
Во некои области можат да се пронајдат повеќе кругови кои можат да се преклопуваат, создавајќи чудни контури во тревата. Во внатрешноста на овие кругови, тревата е „мртва“, со значително поразлична боја во споредба со тревата надвор од кругот. Затоа многу луѓе се плашат од овие кругови, верувајќи дека се создадени од натприродни суштества.
Бројни народи имаат различни верувања во врска со овие кругови, но сите се поврзани со самовилите и натприродните суштества, со самовилскиот танц во кругот или со фактот дека кругот е портал помеѓу самовилското царство и нашиот свет.
Се верува дека овие мистични кругови ги создаваат паднатите ѕвезди, ударите на громовите и вештерките.
Таквите верувања биле најпопуларни во 19-от век, од кога датира и предупредување да не се влегува во ваквиот круг, бидејќи никогаш нема да може да се излезе. Несреќникот што ќе влезе во кругот може да ослепи, да стане парализиран или да го изгуби животот.
Генерално, се верува дека самовилите обично шетаат сами, но кога танцуваат секогаш се 10. Зад себе оставаат траги на копита, а доколку некој ги види како танцуваат, можат да го претворат во дрво или камен.
Народните верувања поврзани со самовилските кругови се познати кај, речиси, сите европски народи. Во Франција се нарекуваат „прстените на волшебникот“, а во Германија, „прстените на вештерките“, кои се особено активни во ноќта на Валпурга (30 април), кога се одржуваат големите прослави.
Во англиските, скандинавските, келтските и многу други европски митологии, круговите ги создаваат самовилите со својот танц. Таквите настани често се поврзуваат со ноќта и со месечината, а ненадејната појава на круговите по изгрејсонцето е доказ за самовилскиот танц.
Во Шкотска се верува дека самовилите седат врз печурките и ги користат како маси на своите прослави, додека во Велс печурките ги користат како чадори.
Австриската традиција вели дека прстените се создадени од летачките змејови, кои го уништуваат теренот, па во наредните седум години таму растат само отровни печурки. Францускиот фолклор забележува дека овие чудни кругови ги чуваат гигантските жаби, фрлајќи клетва врз секој што ќе влезе во кругот.
Генерално се смета дека самовилските кругови треба да се избегнуваат. Ако се осмелите да влезете во кругот, преданијата предупредуваат дека ќе умрете млади. Исто така можете да станете невидливи, да останете заглавени во кругот или да бидете префрлени во кралството на самовилите.
Научниците сè уште се обидуваат да ги објаснат самовилските кругови во Африка. Имено, во Намибија, во Јужна Африка, се појавуваат кружни точки на тревата, од непознати причини. Круговите остануваат во истата област неколку децении, а потоа одеднаш исчезнуваат.
Ашера | Црнобело