Бон-тон правила за прв состанок, со кои ќе оставите добар впечаток
Знаете ли како културно да покажете дека сте независна девојка, без да го навредите партнерот со кој сте на состанок? Знаете ли кој треба да нарача прв храна во ресторан? Овие правила секако ќе ви бидат од помош и убаво е да ги знаете.
На првиот состанок вообичаено е да чувствувате малку нервоза и неизвесност, и секако да се потрудите да оставите добар впечаток кај личноста со којашто се состанувате, а овие бон-тон правила сигурно ќе ви бидат од помош.
Факт е дека никој не може да одолее на добро воспитана и културна личност, и дека добрите манири може да ви отворат врати коишто ниту едно образование нема да ви ги отвори.
Дури и ако веќе одамна сте престанале да одите на состаноци, убаво е овие добри манири да ги пренесете на вашите деца.
Во продолжение неколку бон-тон правила што треба да ги почитувате кога одите со некого на прв состанок:
Немојте да доцните
Доцнењето и недоаѓањето на време покажуваат дека не сте одговорна личност и веднаш оддаваат впечаток дека на вас човек не може да се потпре.
Ценете го времето на другите луѓе и запомнете дека никој не сака да чека долго другата личност да дојде и да го удостои со своето внимание.
Ако врската продолжи понатаму, постојано ќе слушате дека сте задоцниле на првиот состанок.
Обидете се да не разговарате на телефон
Ако сте личност што постојано мора да одговара на телефонски повици и на мејлови, потрудете се на првиот состанок да го тргнете мобилниот телефон од себе и посветете ѝ го целосно вниманието на личноста со којашто сте излезени.
Ако навистина морате итно да одговорите на некој итен повик, тогаш културно е прво да се извините и секако да се потрудите телефонскиот повик да биде што е можно пократок.
Немојте да се фалите
Кога ги спомнуваме телефонските повици, секако важно е да се напомене дека не треба да се фалите со тоа што сте го постигнале и колку сте важни.
На првиот состанок веднаш ќе оставите лош впечаток ако почнете да се фалите со својата работа, убавиот стан, парите, образованието…
Нема да ја импресионирате личноста со којашто сте на состанок и може да направите само да се чувствува неубаво.
Дајте ѝ можност и на другата личност да каже нешто
Запомнете, ова е состанок, а не ваш соло перформанс каде што треба во половина час сè да си кажете и да ја импресионирате личноста.
Слушајте внимателно, поставувајте прашања и дозволете разговорот да тече. Секако, обидете се на првиот состанок да се држите настрана од проблематични теми и не се навраќајте на минатото и бившите.
Никому нема да му се допадне да ве слуша како на првиот состанок го озборувате поранешниот партнер и се исповедате за сите неправди што ви биле нанесени.
Добри манири на маса
Дамата има право сама да избере што сака да јаде и таа има право да избере сама што сака да нарача.
Погрешно е да му кажете на мажот што сакате да ви нарача, а добро е да го прашате за препорака, ако има добро познавање од храната што се служи.