Имам многу непријатели, а малку пријатели
Вчера се потсетив на една случка од детството. Додека јас седев во училишната клупа и се подготвува за наредниот час, најзлобното девојче во класот ме нарече смешна бубалица и започна да врти околу клупата притоа кубејќи ме за коса.
Јас, воспитана дека треба да бидам културна и скромна не изустив ни збор, не пуштив ни солза, само едвај чекав да стигнам дома за да можам да си го пикнам носот во перницата и да се изнаплачам. Се разбира, никому не кажав за случката.
Години подоцна, поточно вчера, истата таа девојка, сега веќе зрела жена застана да се поздрави со мене како ништо да не било, иако ние наредните неколку години додека учевме заедно не си прозборевме ни збор. Се интересираше за мојот живот.
Впрочем, од денес сите оние кои некогаш ме навредиле, а сега љубопитно, лицемерно и без трошка срам прашуваат дали сум среќна ги прогласувам за непријатели.
Многу се. Но, не планирам да водам битки со нив, Тоа е залудно потрошено време.
Тоа време ќе им го посветам на пријателите, оние вистинските. Оние кои знаат кога сум среќна и слават за тоа, оние кои знаат кога сум тажна и ми се рамо за плачење.
Наместо ладна одмазда за непријателите, бирам топол ручек со пријателите.
Наместо да живеам со сенките од минатото, одбирам да живеам со пријателите во секој момент.
Наместо губење време и нерви за непријателите, одбирам да губам чувство за време со пријателите.
Непријатели сите имаме, многу или малку, неважно. Како и самите тие. Важни се пријателите кои не ти се крвно блиски, туку по душа.
Важни се пријателите, вистинските, искрените, забавните, штосните, насмеаните, оние кои те смеат, оние кои те поддржуваат, оние кои те влечкаат до дома кога ќе испиеш чашка – две повеќе од вообичаено.
Затоа што тие го прават светот поубаво место за живеење.
Автор: М.К. | Црнобело