7 работи што психијатрите сакаат да ги знаете пред да побарате стручна помош
Одењето на психијатар не ве прави слаба личност и нормално е да се двоумите пред првиот разговор.
Без разлика дали се сомневате дека имате проблем со менталното здравје или минувате низ тежок период поради работа, смрт на блиска личност и слично, секогаш е препорачливо да побарате помош од психолог или психијатар.
Овие стручни лица ќе ви помогнат да ги разберете вашите емоции и, доколу има потреба, ќе ви ја дадат и соодветната терапија.
Сепак, важно е да имате предвид некои работи пред да побарате помош од професионалец.
7 работи што терапевтите сакаат да ги знаете:
Нормално е да се двоумите
Многу луѓе ја гледаат психотерапијата со доза скептицизам, додека некои се плашат да разговараат отворено за нивните најдлабоки мисли и стравови.
Некои луѓе дури чувствуваат и срам.
Сето ова се нормални емоции бидејќи ќе биде потребно и време да стекнете доверба во терапевтот.
Вие сте клучни во целиот процес
За терапијата да функционира, вие мора да зборувате.
Терапевтот ќе ве води преку прашања и коментари, но вие сте тие кои треба да ги открие вашите мисли и чувства.
Колку повеќе терапевтот знае за вас, толку полесно ќе го најде коренот на проблемот, а со тоа и решението.
Па, немојте да го лажете терапевтот бидејќи тој не е овде за да ве осудува, туку за да ви помогне.
Целта на терапијата не е само да добиете совет
Терапевтот сака вие да ги разберете вашите емоции и откако ќе ве ислуша, тој нема само да ви даде неколку совети што треба да ги следите.
Треба активно да учествувате во разговорот, да разменувате идеи и заедно да дојдете до решение кое ќе биде најдобро за вас.
И терапевтите се само луѓе
Не заборавајте дека и терапевтите се само луѓе, со свои животи и проблеми, исто како вас.
Што значи, можат да ве разберат, но можат да направат и грешка.
Сепак, може да ви делуваат „студено“ бидејќи нивната задача е да не го мешаат својот приватен живот - за време на терапија, целиот фокус треба да биде на вас.
Терапевтите не се овде да ви бидат пријатели
Не треба да ги гледате терапевтите како пријатели бидејќи нивната задача е само да ви помогнат и ништо повеќе.
Исто така, тие не смеат да преминат никакви граници во вашиот однос и да се однесуваат професионално.
Ако сте кај терапевт кој сметате дека ги преминува вашите граници, тогаш не двоумете се дали да побарате друг.
Не секогаш првиот терапевт е вистинскиот избор и тоа е во ред.
Терапевтите не работат 24/7
Кога ќе најдете добар терапевт, не можете да очекувате да биде постојано достапен за вас, освен ако самиот не ви го нагласи тоа.
Исто така, ако го сретнете на улица или каде било, немојте да ја третирате средбата како сеанса во неговата ординација.
Кога имате потреба за разговор, закажете термин, како што би направиле со секој лекар.
Одењето на терапија не значи дека сте слаби
Бидејќи кај нас уште постои стигма за менталното здравје, многу луѓе веруваат дека оние кои одат на психотерапија се слаби личности.
Ова не е воопшто точно бидејќи менталното здравје е исто важно како и физичкото.
Немојте да мислите дека сте слаби само затоа што ви треба помош од професионалец.
Некогаш, дури и да немате конкретен проблем, може да ви биде од корист само да поразговарате со психолог или психијатар.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





