Факти за контроверзниот култ на Ошо во САД: Го нарекувале „секс гуру“, затруле луѓе со салмонела
Заедницата на Ошо во САД била одговорна за мал биолошки напад врз жителите на гратче во близина, неговата лична секретарка ги прислушувала следбениците, правела измами со документи за миграција, а на крај Ошо ја нарекол „фашист“ – како пропаднала заедницата на најпознатиот мистик во светот?
Багван Шри Раџнеш, попознат како Ошо, е можеби најпопуларниот мистик од помодерно време кој е доста познат и кај нас.
Три децении по неговата смрт, бројни луѓе ги споделуваат неговите мудрости и ги користат неговите совети.
И, иако можеби Ошо кажал и напишал работи кои навистина тераат на размислување, факт е дека неговото движење неретко е споредувано со култ и е опкружено со бројни контроверзии.
Кон крајот на животот, Ошо не давал изјави за медиумите и некои веруваат дека самиот воопшто не бил одговорен за контроверзиите со неговото движење, туку дека за сè била заслужна неговата лична секретарка Шила.
Без разлика кој е вистинскиот виновник, целата приказна за Ошо, вклучувајќи ја и неговата мистериозна смрт, е несомнено фасцинантна.
Како Ошо станал најпознатиот мистик во светот и што правел со неговата заедница?
Во текот на животот, Ошо имал неколку имиња – роден е како Чандра Мохан Џаин, потоа го користел името Багван Шри Раџнеш, но најпознат е како Ошо.
Наводно, своето духовно будење го доживеал во 1953-та, на 21-годишна возраст, откако ги завршил студиите по филозофија.
По ова, тој патувал низ Индија за да ги проповеда своите учења во кои редовно ги критикувал најбројните религии, како христијанството.
Ошо имал мошне необичен пристап кон духовноста – тој сметал дека човекот не треба да се ослободи од сè материјално за да биде среќен или за да доживее духовно будење.
Напротив, Ошо бил огромен капиталист кој верувал дека луѓето кои се богати се среќни.
Истовремено, тој целосно ги поддржувал науката и технологијата.
Тој подучувал и за разни техники за медитација и ги учел следбениците да си дозволат да уживаат во животот.
Притоа, имал многу поотворени ставови за сексуалноста, па во родната Индија почнале да го нарекуваат „секс гуру“.
Учењата на Ошо биле привлечни за интелектуалци кои барале ново значење во својот живот и дел од неговите следбеници биле успешни банкари, адвокати и што уште не, на кои им дошло „преку глава“ од својот начин на живот.
Станува јасно дека следбениците на Ошо биле богати луѓе, па во 1974-та тој можел да си овозможи да отвори свој ашрам во Индија.
Ашрамот на Ошо почнале да го посетуваат луѓе од целиот свет, а наводно, за помалку од пет години, тој имал околу 100.000 следбеници.
Оние кои можеле да си дозволат го посетувале ашрамот во Индија – некои на одреден период, а некои и се преселиле таму.
Во доцните 1970-ти, ашрамот бил премал за многуте следбеници на Ошо, а притоа се соочувал и со многу критики од властите.
Па, тој решил да направи своја заедница во САД.
Ошо ѝ наредил на неговата секретарка Шила да најде земјиште каде што ќе може да го реализира својот сон.
Ошо и Шила во Индија
Шила нашла голем имот во Орегон, во близина на мало гратче со 50-тина жители.