Милијардери кои не успеаја да си ја купат слободата и завршија во затвор
Елизабет Холмс ја споредуваа со Стив Џобс и таа беше прогласена за најмладата жена која сама заработила милијарда долари. Но, моментално отслужува 11-годишна затворска казна бидејќи ги заработила парите со измами.
Постои верување дека луѓето кои имаат многу пари се недопирливи, дури и од законот. И, ова во некои ситуации дефинитивно се покажува како точно.
Богаташите лесно можат да си ги платат паричните казни, а некогаш и да најдат некоја корумпирана личност која ќе ја поткупат.
Но, овој трик не секогаш функционира и бројни милијардери не успеале да си ја купат својата слобода.
Неколку милијардери кои завршија во затвор, и зошто:
Виктор Боут
Русинот Виктор Боут е познат дилер на оружје кој си го заработи и прекарот „Трговец на смртта“.
Во САД, тој беше осуден за тероризам и доби 25-годишна затворска казна во 2011-та.
Кога беше уапсен, неговото богатство се проценуваше на околу шест милијарди долари кои ги заработил нелегално.
Виктор беше уапсен за продавање автоматски пушки на терористички организации и картели, а од властите во САД беше наречен „најопасниот човек на планетата“.
Тој беше затворен во САД, но во 2022 година, Амеирканците го вратија во Русија, во замена за Американец кој беше во руски затвор.
Во Русија, тој беше пуштен на слобода и наводно запливал во политичките води.
Берни Мадоф
Берни Мадоф е американски финансиер, а стои зад една од најпознатите пирамидални измами во историјата на светот.
Со помош на измамата, тој успеал да украде милијарди долари од инвеститорите, а некои од неговите жртви биле и истакнати личности, како Кевин Бејкон и Стивен Спилберг.
На некои од жртвите, милијардерот им ги собрал буквално сите работи што ги поседуваат и им ги уништил животите.
Властите дознале за неговата измама во 2008 година, по што тој доби затворска казна од дури 150 години за перење пари и измама.
Во 2009 година призна дека измамил над 40.000 луѓе, а почнал со работа уште во 1970-тите.
По апсењето, неговото семејство дочека трагичен крај. Двајцата негови синови завршија во затвор каде што и умреа – едниот од рак, а другиот изврши самоубиство.
Сестрата на милијардерот и нејзиниот сопруг извршија самоубиство, додека тој почина во затвор во 2021 година.
Ален Стенфорд
Ален Стенфорд е уште еден милијардер кој стоел зад огромна пирамидална измама, речиси исто голема колку онаа на Берни Мадоф.
Со неговата фирма, тој заработил над 50 милијарди долари, а еден период беше и помеѓу најбогатите луѓе во САД.
Ален првпат беше обвинет во 2009 година, а беше осуден во 2012-та за измама на неговите клиенти.
Доби 110-годишна затворска казна, но упорно тврди дека е невин.
Тој уште е во затвор, а ја користи секоја можност да се пожали во медиумите за лошиот третман што го добива во затворот.