Најопасните аеродроми во светот - Предизвик се и за најискусните пилоти
Многу кратки писти, аеродроми сместени до плажи полни со туристи – дури и на најискусните пилоти им е проблем да слетаат на некои од најопасните аеродроми во светот.
Патувањето со авион може да биде стресно речиси за сите. Исцрпни се сите обврски кои треба да ги завршите претходно, почнувајќи од пакување куфери, па сè до поминување на контролата на аеродромот.
Но, понекогаш и самите аеродроми може да бидат предизвик.
Почнувајќи од прекратки писти, па сè до градежни „утки“, некои аеродроми се „страв и трепет“ и за најискусните пилоти:
Аеродром Куршевел, Франција
Овој аеродром е изграден во 1962 година, а се наоѓа во средината на француските Алпи.
Она што го прави ризичен е кратката писта, а самиот аеродром нема осветлување, што го отежнува слетувањето во магливи, дождливи или снежни денови.
Меѓународен аеродром Бара, Шкотска
Овој аеродром е изграден во 1936 година и се наоѓа северно од островот Бара. Тој е единствениот аеродром во светот каде што полетувањата и слетувањата се одвиваат на плажа. Ова, пред сè, значи дека сите воздушни операции лесно се под влијание на плимата и осеката.
Плажата којашто служи како писта е отворена за јавноста, па пред да ја посетат, луѓето треба да проверат дали аеродромот работи.
Плажата на овој аеродром честопати е посетена од фоки, а персоналот кој работи таму често мора да ги придржува назад во морето, со цел да избегнат несреќи.
Меѓународен аеродром Принцеза Јулијана, остров Свети Мартин
Овој аеродром е изграден во 1942 година и тука авионите летаат едвај 25 метри над плажата.
Всушност, авионот минува толку блиску до земјата, што локалната власт ги предупредува туристите да останат на безбедно растојание за време на полетувањето и слетувањето.
Низ годините, овој аеродром често бил место на несреќи кои имале катастрофални последици.
Меѓународен аеродром Мале, Малдиви
Овој аеродром е изграден во 1960 година, а се наоѓа на островот Хулхуле. Неговиот главен проблем е големината на пистата, која е толку мала, што ја зафаќа целата должина на островот, при што секоја погрешна пресметка може да го одведе авионот до морето.
Друга необична карактеристика на овој фреквентен аеродром е тоа што откако авионите ќе успеат да слетаат, патниците обично мора да се возат со глисери за да стигнат на местото каде што одат.
Аеродром Каи Так, Хонгконг
Овој аеродром е изграден во 1925 година, а слетувањето на него било предизвик, дури и за највештите пилоти. Аеродромот бил опкружен со високи згради, а авионите минувале толку блиску до зградите, при што патниците чувствувале дека можат да „ѕирнат“ во канцелариите.
Не е тешко да се замисли зошто патниците го нарекувале „Аеродром за срцев удар“. Каи Так било место на околу 15 несреќи, пред да биде затворен во 1998 година, токму поради тоа што бил опасен.