Сама си бирала прстен од грчки милионер, секс-снимка на 19 години - Скандалите на богатата наследничка Парис Хилтон
Имала само 19 години кога ја снимила секс-снимката што протече во јавноста, досега била верена четирипати,од кои еднаш со Грк – во продолжение неколку скандали на Парис Хилтон која деновиве е актуелна поради нејзината свадба со Картер Реум.
Парис Хилтон (40) заедно со нејзиниот свршеник Картер Реум (40) викендов се појавија на гала вечер во Лос Анџелес, на која таа носеше бел фустан, а тој син костим.
Според многумина нивниот изглед е само најава за свадбата што треба да се одржи на 11-ти ноември, кога и двајцата богати наследници и милионери ќе го кажат судбоносното „Да“.
Медиумите веќе пишуваат дека свадбата на Хилтон и Реум ќе трае 3 дена, Парис ќе носи 10-тина различни фустани. Истовремено ќе се снима и нејзиниот најнов филм насловен Paris in love.
Парис Хилтон (40) низ годините наназад ги полнеше таблоидите со написи што вклучуваа голем број скандали и бунтовничко однесување.
Во 2020-та година, Парис направи документарен филм насловен This is Paris во кој откри повеќе детали од сопствениот живот, говореше за сопствените трауми од детството, траумите по објавувањето на секс-снимката насловена One night in Paris но и за многу други детали од животот.
Интересни факти и скандали по кои оваа богата наследничка стана славна:
Парис Хилтон е родена во 1981-та година како пра-правнука на легендарниот хотелиер Конрад Хилтон. Таа е родена во огромно богатство и во семејство што со децении наназад било во високите кругови на општеството на САД.
Но, настрана од тоа што наследува огромно богатство Парис се обиде на секој начин да се докаже и да стекне слава.
Почна да работи како модел, се обиде и како писателка, но и како дизајнерка на накит и парфеми. Денес е водителка на шоу за готвење, диџеј и ријалити ѕвезда. Таа за себе вели дека е жена-бизнисмен, која ужива во тоа на екраните да глуми дека е „глупава русокоса“.
Најпознатиот скандал на Парис е нејзината секс-снимка објавена во 2004-та година. Видеото било снимено во 2001-ва година кога Парис имала само 19 години, а во 2004-тата беше објавено од страна на нејзиниот поранешен дечко, покерашот Рик Саломон.
Таа неодамна проговори за видео-снимката за која многумина сметаа дека самата ја објавила, па кажа дека сè уште има трауми затоа што приватниот момент помеѓу неа и тогашниот дечко Рик (кој е 13 години повозрасен од неа) бил објавен во јавноста, а имала чувство дека сите ја обвинуваат и ѝ се потсмеваат.
За скандалот со секс-снимката имаше и судско рочиште, што заврши со спогодба, при што Рик ѝ исплатил на Парис 30 милиони долари за нарушување на приватноста. Сепак, во интервју за TMZ во 2013-та година Парис рече дека не добила ниту долар од видеото.
Низ годините Парис неколкупати имала проблеми со полицијата заради злоупотреба на опојни супстанции. Во два случаи била фатена со марихуана во чантата, но и во двата случаи се покажало дека најдените нелегални супстанции не се нејзини, туку на другарка, а во еден случај кај неа бил најден и кокаин.
Во 2000-те години Парис беше најдобра другарка со Бритни Спирс. Тие редовно ги полнеа таблоидите со настаните од нивните луди забави.
Во кавга е со Линдзи Лохан. Слично како и со Бритни Спирс, Парис се дружеше и со Линдзи, но во последните години тие двете мошне често се навредуваа меѓусебно во медиумите, па во една прилика Парис за Линдзи рече дека е неверојатно здодевна и дека се срами од неа.
Во документарецот од 2020-ра година Парис откри дека била жртва на насилство во училиштето во Јута, каде била испратена на барање на нејзините родители Кети и Рик Хилтон.
Поради нејзиното бунтовништво родителите ја праќале во повеќе училишта за „емотивен развој“. Но, откако побегнала од првите две училишта била пратена во Јута, каде доживеала голем број трауми и била жртва на злоупотребвувања од наставниците и соучениците.
Нејзината врска со грчкиот наследник Парис Латсис во 2005-та беше редовно следена во медиумите. Наводно, таа прво добила еден веренички прстен, што не ѝ се допаднал, а по ова, свршеникот Парис ѝ дал можност самата да избере од 15 различни прстени, по што избрала дијамант вреден 4,6 милиони долари. Но, и овој не бил доволно добар затоа што премногу тежел.
Три дена по раскинувањето со Лaтсис, Парис била забележана со друг грчки наледник, Ставрос Ниаркос Трети.
Парис досега била верена четирипати: во 2002-ра за моделот Џесон Шо, во 2005-та со богатиот наследник со грчко потекло Парис Латсис, во 2018-та со актерот Крис Зилка, а на прославата на нејзиниот 40-ти роденден годинава таа доби предлог за брак од нејзиниот сегашен дечко, богатиот наследник и милионер, Картер Реум.
Б. С. Б. | Црнобело