Се родила додека мајка ѝ била во затвор - Факти за Лејтон Мистер
Актерката Лејтон Мистер која се прослави со Gossip Girl не открива многу за приватниот живот, но познато е дека не е во добар однос со мајка ѝ, како и дека има две деца со актерот Адам Броди.
Лејтон Мистер стана светски позната благодарение на серијата Gossip Girl која беше огромен хит и кај нас.
Иако можеби го достигна врвот на популарноста со серијата, актерката сè уште има бројни фанови кои ѝ се верни уште од времето кога ја глумеше Блер.
Неколку факти за убавата актерка:
Мајка ѝ била во затвор кога ја родила
Кога се родила Лејтон, мајка ѝ отслужувала затворска казна во Тексас.
Сепак, ѝ било дозволено да оди во болница за породувањето. Потоа била сместена во установа во склоп на затворот која служи за рехабилитација на затворениците за да може да се грижи за ќерка ѝ барем првите неколку месеци.
Мајка ѝ требало да помине 10 години во затвор поради шверц на марихуана, но била ослободена по 16 месеци.
„Ова ме направи поотворена личност. Мислам дека ме натера повеќе да ги ценам работите што ги имам сега“, има изјавено актерката.
Неколку членови од нејзиното семејство биле криминалци
Наводно, кога мајка ѝ била фатена од полицијата, таа соработувала со таткото, дедото и тетката на Лејтон.
На крај, сите биле фатени, но тетка ѝ успеала да избега од затвор.
Голем дел од детството поминала со баба ѝ
Поради проблематичната ситуација во нејзиното семејство, Лејтон била испратена да живее со баба ѝ.
Иако самата има изјавено дека нејзиното семејство има „луда историја“, актерката вели дека баба ѝ успевала да ѝ го разубави детството.
„Барем не беше комплицирано. Си играв надвор, одев на плажа.
Имаше среќни и забавни моменти. Верувам дека имав среќа. И, бев сакана“.
Не е во најдобар однос со мајка ѝ
Лејтон почнала да работи на само 10-годишна возраст, како модел, откако била забележана од агент. Па, со мајка ѝ се преселиле во Њујорк.
„Многу работев, иако бев само дете. Тогаш тоа ми изгледаше нормално“.
Актерката била таа што го хранела семејството, а токму поради ова и се скарала со мајка ѝ.
Имено, Лејтон ѝ дала пари на мајка си со цел да купи храна и сè што е потребно за нејзиниот помал брат.
Но, мајка ѝ ги потрошила за ботокс, пластична операција и надградба на коса.
Актерката дури и ја тужеше мајка ѝ бидејќи таа тврдела дека Лејтон треба да ѝ дава по 10.000 долари секој месец.
Од друга страна, мајка ѝ ја обвинила Лејтон за физичко насилство. Подоцна ја повлекла тужбата, но нивниот однос веќе бил нарушен.