Малоно на Кики не вика „здраво“, сигурно има аутизам“ – парадоксалната денешница во која секој за секого знае сѐ
Баба ми често велеше: „Ако немаш ништо убаво да кажеш, подобро не кажувај ништо воопшто“. Живееме во свет каде што зборувањето во нечие отсуство стана секојдневие. Секој за секого знае сѐ, а најважно - знае точно што би направил доколку е во негова ситуација. Каков феномен.
Во продолжение една парадоксална приказна од човечки профили кои секојдневно ги среќаваме.
- Добро утро Ане, што вака рано?
- Еее добро утро Кате, еве да тркнам по цигари. Ти?
- Еве накај работа. Абе онаа што излегува од твој влез, Камелија е?
- Да да, ноќна мора посабајлечки. Види ја каква е во црно облечена.
- А тетоважине по целото тело? Не остана место кај што не е исцртана.
- Некни кога ми прозборе ѝ го видов тоа железото на јазик, уфф одвратно.. Којзнае во која секта е.
- А за онаа од 1-ви влез со миничите, слушна? Шефица станала после 6 месеци работа.
Којзнае како му „шефувала“ на директорот.
- Аууу што збориш? За мајка ѝ кружеа муабети дека била растури-куќа, еве сега и за неа.
Не бадијала рекле, круша под круша паѓа.
- А малоно на Кики од 6-ти, еве веќе две наполни, му викам „здраво“, го закачкам - не реагира.
- Да бе и јас тоа приметив, баш Влатко мој спомна дека сигурно има аутизам.
- Кога сме кај деца, слушна дека Маја е трудна? На 38 еј, стара доилка.
- Епа редно време беше, доста кариера бркаше, среќа и трудна што остана.
- Еееј ене ја онаа дебелана Јована позади фонтанче што живее, 20 кила ослабела, некоја си хроно диета.
- Онаа татко ѝ шо е манијак? Мислам таксист, пошо сите таксисти се манијаци. Перо мислам се викаше.
- Да, да таа. Сестра ѝ шо иде со оној дибекон од Влае. Секој ден ми се шлапаат под прозор.
- Леле баш ги видов на Инста, сум се згазила од смеење за маицине „Queen&King“.
- Какви сељаци човече..
- А шо онаа другарка ти над тебе шо живее, пејачка станала?
- Да бе пејачка, татко ѝ пуштил срце да одвои од тоа милионите, пошо едното дете од дома му нема искочено со години, бар од другово да биде нешто.
- А брат ѝ сериозно е болен?
- Кој бе болен, асоцијализиран чудак. Демек интроверт. По цел ден дреме пред компјутер.
- Лелеее знаеш ли што сум дознала? Оној Андреј од жолтата зграда шо се филмаше дека е не знам ти кој, епа мерцедесот не ни бил негов, туку на вујко му од Германија.
- Па вујко му нели лежеше во затвор?
- Епа да де, затоа Андреј го возеше.
- Ццц свашта.. Туку Ане, јас морам да одам, да дојдеш на кафенце убаво да си поприкажеме.
- Ајде срцка, обавезно ќе се договориме за деновиве.
По неколку минути:
- Добро утро Кате, како си?
- Еее добро утро Јована, еве брзам накај работа. Леле што си ослабнала права женска си се направила, браво. Некоја диета?
- Да, хроно. И навистина напорно вежбање. Сепак, трудот се исплатеше.
- Браво, браво. Туку, татко ти на работа ли е?
- Да, само што замина.
- Можеш ли да му ѕврцнеш да ме префрли до работа, веќе каснам...
- Ќе дојде за 3 минути.
- Фала ти лепотице. Чао, се гледаме.
- Кате, ќе можеш ли да ја прашаш Ане, знам дека сте блиски, колку би ме чинела една чоколадна торта? Утре ѝ е на мајка ми роденден.
- Леле душо блиска ми е, ама тортите да не те лажам, катастрофа... Лешник, орев - трчни, сопни се. Да стигнам на работа ќе ти пуштам бројче од кај да нарачаш. Еве го татко ти, ајде се гледаме.
- Убав ден Кате, се гледаме.
...За жал, горенаведениот текст е отсликување на парадоксалната денешница во која сите ние живееме, полна со предрасуди и лицемерие.
Престанете да се однесувате како да знаете сѐ, престанете да ги осудувате луѓето, престанете да генерализирате, да глумите лажни пријатели, престанете да искористувате.
Стереотипите одамна излегоа од мода. Гледајте си го своето чергиче, живејте си по свои принципи и правила, но не наметнувајте ги.
Секој има право да прави што сака, да живее како сака, бидејќи за животот не постои рецепт. Добро запомнете го тоа.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Мила М. | Црнобело