„Моето дете е гениј по математика, првак во карате“ - Дали премногу бараме и очекуваме од нашите деца?
Дали почнавме да раѓаме гении или темпото со кое живееме, пристапноста до информации создаде деца кои имаат прашања на кои ние, возрасните, понекогаш немаме одговори?
Како родители се стремиме нашите деца да осознаат што повеќе за светот околу нив, но кога е вистинското време? И дали премногу бараме и очекуваме?
Сè во свое време.
„Кога ќе прооди детево? Другите деца веќе зборуваат, моето не”.
„Ќерката на мојата колешка се шминка за во град, па мала е сè уште”.
„Син ми се прибира во ниедно време, немам никаков авторитет како родител”.
„Моето дете е гениј по математика, првак во карате”.
Дали од нашите деца бараме премногу и ги форсираме во процесот на растење?
Постарите ќе се сложат со фактот дека работите ги правеа со текот на времето, давајќи шанса да се искусат шансите со возраста, а со тоа си доаѓаше и созревањето.
Дали има потреба децата да седат на иста маса со возрасните и да учествуваат во сите дискусии?
Помогни во процесот на растење и созревање, не одмогнувај.
Нормално дека не можеш да забраниш детето да има телефон, кога сите околу него имаат, но ограничи го времето на користење, стави ограничувања на пристапот до одредени веб страни и апликации.
Особено на ТикТок, кое од интерактивна забава, веќе започна да станува апликација од која родителите се плашат, а тинејџерите ја обожуваат.
„Мамо, што е менструација? Тато, на училиште се разговара за правење на деца, а мене срам ме фаќа, па излегувам надвор”.
Теми кои се деликатни за детето, но и за родителите.
Сепак, не се табу тема, не треба да ги избегнуваме. Потребно е да сме подготвени во секое време да најдеме одговор на секое прашање.
На тој начин и детето ќе чувствува слобода да праша, а и сигурност дека ќе добие одговор без да биде засрамено.
Децата се исти и сега и порано, само што пристапот до секоја содржина е многу потранспарентен, па затоа понекогаш децата се соочуваат со некои работи за кои сè уште немаат лична созреаност.
Преголема слобода
Денес, сакаме да средиме сè. Сега и веднаш.
Читаш сè нешто и секаде - како да воспитуваш дете, колку граници да поставиш, применуваш сè, а всушност ништо свесно. Не се водиме од личниот инстинкт, туку од туѓите искуства.
Да не ги споредуваме децата. Секое е свој свет. Своја лична приказна.
Не им наметнувајте сфаќања за кои не се подготвени да ги прифатат.
Секое дете е различно, напредува својствено за себе. Да не форсираме.
Да дадеме шанса секој да се реализира како што сака и каде што сака и се пронаоѓа. Тука сме да укориме, да подадеме рака, но не и да трасираме нечиј пат.
Наша задача како родители е да учествуваме во процесот на учење и осознавање.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М.У.Т. | Црнобело
фото: pixabay.com / freepik.com