Станавме дивтари што се плашат да им дојде некој дома или да отидат на гости
Се сеќавам дека додека растев куќата ни потсетуваше на автобуска станица. Врвулица од луѓе! Се најавиле едни гости, во меѓувреме случајно се јавиле и некои други па дошле и тие, а со себе донеле уште некој случајно залутан патник.
Ништо страшно, сите на куп, што има ќе ставиш на масата, ќе се мези и пие „што дал Господ“. Опуштено, со никакво претерување или оптоварување, без посебно дотерување на гостите, домаќините и масата.
Каков живот беше тоа. Се навиваше на натпревари, се играа карти до доцна во ноќта, се гледаа филмови, се играше, се пееше до раните утрински часови. Ние децата ќе се преморевме, па ќе нè најдеа испозаспани под масата кое на грб, кое на стомак.
Ќе нè префрлеа преку рамо, малку подзамирисани на цигари, уморни и сонливи. Денес веројатни загрижени лица би викнале социјални служби за овие тешки злосторства и трауми кон децата.
Толку многу дружба и смеа имаше порано. И никој не се заморуваше што ќе се ставело на масата и дали салфетката ќе била во форма на лебед или елка. Ќе се стави туршија, ајвар, месено лепче, некои попарени колачиња, ќе се направи набрзина некој пудинг или ќе се грицкаат семки и сончоглед.
Просто, дојдени сме за кафе. И за муабет. Никој не се трудел да ги импресионира другите или да се срами само затоа што ставил само едно кафе и локум на масата.
Денес имањето и одењето по гости стана мисловна именка. Сите сме зафатени, сите сме преморени, сите сме во „фрки“. Недај боже да ти се најават гости. Паники! Што да се стави на масата?! Подготовки како за матура или мала свадба.
Да имало кифли, не чекај, да нема само од бело брашно, некои се на хроно, некои на кето, да има безквасни, со интегрално брашно и 4 видови на семиња и мини пици. Задолжително да има ордевер со 4 вида сувомеснато и минимум 3 квалитетни видови кашкавал и сирење.
Чекај, само толку ли, што ќе си речат другите, дека немаме вода во очите, сиромашни ли сме? Месо да има, не, риба и месо, или морски плодови, или да полниме врапови или тортиљи? Од пијачки по можност сè, срамота е гостинот да побара виски, а ти да немаш, ц ц, во земја да пропаднеш. Само со ракија и пиво ли се чекаат гости?
Ало бре дечки, па кафеани не се толку снабдени. Кој воопшто бара и очекува да имаш сè на масата, да се прелева, да „крцка“ од храна, а пола од гостите се на последната хит диета или се ограничени на 1200 калории дневно или не јадат после 18 часот или не знам веќе што!
Самите си создаваме притисок да принесеме „од пиле млеко“, а после да се жалиме како имањето гости било „ставка“ во буџетот, па затоа луѓето не си оделе толку по гости како порано. Кој ви е виновен што од нешто толку просто и едноставно ние направивме циркус? Кој ни е виновен што и ова стана еден вид на натпревар – кој ќе послужи повеќе, поскапо, побогато, кому му е средено најубаво дома?
Кој ако не ние самите? Во тек сме со сите трендови, знаеме што е модерно, и за средување и за дотерување и за јадење и пиење… уште да имаме со кого да го споделиме ова. Се отуѓивме едни од други како некои дивтари. Со месеци, со години никој да не ти го пречекори прагот. Се плашиш од гости како Ѓаволот од крст.
Старите викале – што е куќата без луѓе? Пустина. Никој да не заврти муабет, да не се насмее. Не се тие 4 ѕидови да се затвориш во нив и да гувееш сам со партнерот. Да ти се развесели домот, да внесеш нова енергија, да ти живне куќата.
Не ме импресионираат твоите 4 десерти и перфектно изгланцаната кујна кога се гледаме еднаш во 5 години. Се заборавивме, заборавивме како да се смееме, како да се дружиме. Кафето нека биде само и единствено кафе. Макар ми принела само чаша вода, не ми е битно.
Битно ми е да се видиме, да се насмееме, да си ги споделиме маките и радостите. И мојот дом е отворен и добредојдени се сите луѓе кои доаѓаат со желба за дружба и добра мисла. Ќе го послужам тоа што го имам. Некогаш има многу, некогаш речиси ништо. Некогаш ми е средено, а некогаш прилично растурено дома. Но, тоа е животот, тоа е реалноста, не е некој исечок од списание или совршено наместена лажна слика од Инстаграм.
Животот е премногу краток за да се занимаваме со вакви баналности. Ќе помине додека да трепнеш и кога ќе остарам сакам да помислам колку многу сум се дружела, сум се смеела и сум уживала во домот со моите пријатели. Колку ми било весело дома, колку ми била куќата жива.
Никој не памети што се јадело и пиело. Се памети само дружбата.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело