Не мажи се без љубов, имај секс со повеќе од еден маж и не слушај кога ќе ти речат дека не ти доликува!

*На внука ми, на која ѝ е дозволено сè во животот… Го гледам светот во кој растеш најмила и по малку ти завидувам. Љубоморна сум. Ќе си речеш, будала баба, љубоморна на 72 години, дали е токму во умот?

Ne-slusaj-koga-ke-ti-recat-deka-ne-ti-dolikuva-01.jpg

Светот во кој растеш не е истиот во кој пораснав јас. И подобро. Подобро да не знаеш во каков свет растеше баба ти. Сепак, и во овој денешниов, одредени индивидуи – злобни мажи, конзервативни суштества, ограничени жени, погани завидливи јазици, се обидуваат да ти ја скратат слободата на секој можен начин.

Како го прават тоа? На најпростиот, најподлиот, најболниот начин – го користат фактот што си жена и сметаат дека имаат право да ти прилепат секакви етикети до твојот род.

Сум ти кажала ли дека бев најдобра ученичка во моето одделение? Кога го завршив осмото, даскалот рече дека би било вистинска штета да не продолжам во средно училиште, во соседниот град.

- Не, не ѝ доликува, женско е. Лесно може да ја прелажат и да стане евтина женска. Нема мое дете да се блудничи во туѓ град каде што не познава никого.

Со овој монолог татко ми ми ја запечати иднината. Попусто плачев и си ја кубев косата. Не бев за школо. Бев за везење и плетење и готвење и чистење. Бев за мажење.

Кога дојде и тоа време за мажачка, повторно пропишано и утврдено секако од некои други луѓе, не ми дозволија да го одберам момчето во коешто бев вљубена. Се сакавме искрено и чисто, наивно и детски.

- Не, нема да се омажиш за тој што го сакаш. Те ветивме на друг. Не смееш да одбиеш, не смееш да покажеш непослушност. Срамота е, не ти доликува.

И така се омажив со непознат човек, со туѓинец. Со некој што не го сакав и никогаш вистински не успеав да го засакам.

Кога дознав дека ме изневерил, сакав да се спакувам, да ги земам мајка ти и вујко ти под мишка и да ме снема. Да исчезнам. Бев засрамена и повредена, гневна и бесна како морам да го трпам овој човек што воопшто не го сакам, а згора на тоа уште и ме изневерува.

- Како ќе го оставиш, дали си ти нормална? Ќе го растураш семејството, бесрамница една, ќе нè срамиш пред народот! Да си се прибереш да не дојдам и да те приберам јас!

Овие зборови излегоа од устата на мајка ми. Тука згасна мојата душа. Тука ми се пеплоса јазикот. Сакав да умрам.

Но, си ветив дека морам да живеам и да се изборам за подобар свет, за мајка ти, за брат ти. Најмногу за мајка ти, признавам, бидејќи нам жените никогаш не ни било лесно. Тие што те убедуваат дека сме еднакви, ќе бидат само мажи. Мажи, кои никогаш на сопствената кожа не ја искусиле нерамноправноста и дискриминацијата.

Дедо ти беше единствениот човек со кого сум спиела во животот. Често пати се прашував како е да спиеш со некој друг. Какво е чувството да водиш љубов, како мириса страста, дали чаршафите се туткаат поинаку во креветот?

Никогаш не го дознав тоа. Остарев, бабата која не успеа да се запише во средно училиште, затоа што не ѝ доликува. Жената која мораше да се омажи за човекот кому ја ветиле, затоа што не ѝ доликуваше да каже не. Изневерената која не смееше ни под разно да го напушти мажот и да ја растури куќата, затоа што не ѝ доликува таков срам.

За целиот мој живот, колку што бев примерна, послушна, воспитана и вредна, жена „на место“, жена „домаќинка“, покорна, трпелива, тивка, погоди колкумина ми кажаа благодарам? Никој.

Колкумина ме пофалија за ова мое однесување? Никој. Колку медали ми обесија за моите жртви? Нула.

Колку и да си добар во животот, никогаш нема да им угодиш на луѓето. Тие секогаш ќе бидат незадоволни, злобни и сурови во коментарите. Никогаш нема да им бидеш „по мерка“, макар била и најдобрата на светот.

Па еве што ти посакувам, како баба на својата внука. Ти посакувам да бидеш добра само за себеси. Да пронајдеш маж кого ќе го сакаш. Некого во кого ќе бидеш лудо вљубена. Да водиш љубов. Да водиш љубов не само со еден маж, туку со онолку колку ќе ти посака срцето.

Да не се обѕираш на туѓите коментари. Да кажеш НЕ кога ти се кажува не и ДА кога ти се кажува да. Да му се радуваш на животот. Да носиш свои одлуки. Да не се плашиш од никого. Да бидеш храбра, да ризикуваш. Да не те повредуваат лошите етикети. Да го одбереш образованието коешто го сакаш за себе. Да го клоцнеш мажот кој не те заслужува.

Да не им веруваш кога ќе кажуваат погрдни зборови за тебе. Да ги игнорираш кога ќе ти речат - не ти доликува!

Никогаш да не им го пружаш задоволството да те видат расплакана и тажна. Да му се насмееш на животот и да не го бараш сонцето, затоа што ти ќе бидеш сонце. И цела вселена.

Ја имаш сета слобода што ја немав јас и за тоа сум му благодарна на животот. Биди своја, тоа е најголемиот подарок кој може да си го дадеме себеси.

Те сака, баба.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg