Чичо, дали јас некогаш ќе успеам да летам?
Во собата со пригушено светло кое полека се спушташе по розевиот ѕид до колевката во која лежеше малата убавица со кадрава коса и црвена панделка со бели точки, еден маж раскажуваше приказна која го тераше девојчето да слуша без да трепне. Без да посака да се помести, само да ги прати неговите усни и мудроста на неговото битие.
Секоја ноќ над таа колевка ја раскажуваше истата приказна и секогаш тој ритуал завршуваше со истите прашања. Како една нераскинлива конекција која сведочеше за нивната неразделност.
„Постоеше место каде немаше погрдни зборови, постоеше земја каде немаше лоши мисли. Каде сите живееја како љубовта да беше единственото средство со кое може да преживеат, каде добрината кон оној другиот беше како воздух, есенција за опстојувањето. Место во кое не постоеја кошмари, ниту злоба, место кое беше извајано за развивање на чистата, невина, детска душа. Едно посебно место за кое сите сонуваат.
Таму сите беа луѓе во вистинска смисла на зборот. Токму тоа село, таму некаде, во трошна куќичка со сламен покрив и скршени прозорци од кои дуваше ветер секогаш кога времето ќе полудеше, живееше едно момче со својата мајка. Немаа многу, но и она што го имаа беше доволно за жената да го натера да се движи по вистинската патека и да не застранува.
Нивниот живот беше сиромашен, но никогаш не се жалеа. Детето со костенлива коса и сини очи имаше насмевка на лицето дури и кога неговиот стомак беше празен. Жената беше скромна, вредна, облечена во партали, а сепак мудра. Заедно беа тим кој од ништо правеше нешто. Живееја среќен живот, иако сите би се обложиле дека нивниот живот е несреќен.
Тоа момче со тажна приказна имаше една и единствена желба. Да лета. Високо во облаците, за да дофати сè и да ѝ го подари тоа на својата мајка. Секој ден, додека мајката ја обработуваше земјата, тој земаше најразлични картони, збираше пердуви од птиците ги ставаше на рацете и скокаше кажувајќи волшебни зборови, еднаш од дрвата во дворот, еднаш од балконот на трошната куќа.
Секој обид завршуваше со гребнатинка, раскрвавено колено и болка од која ќе му протечеа солзи.
Мајката само ќе се развикаше: „Доста лумпуваш, оди дома, ќе се повредиш!”. Но детето не се откажуваше. Беше решено дека сака да го освои небото, да го види светот, да ги надмине границите, да биде слободно. Ослободено од сето она што му тежеше на Земјата, ослободено од бремето на секојдневието.
Како што изминуваа годините, тој научи од каде дува ветерот, како се движи воздухот, како функционира Земјата и нејзината гравитација. Му требаше многу време за да сфати дека ништо не е невозможно, но сепак треба да помине време. Секој ден полека се одлепуваше од земјата и се качуваше кон небото, кон остварување на своите соништа. Научи дека ништо не е невозможно и ништо не претставува пречка, само ако така посакаш.
Неговата мајка со солзи мавташе на неговото полетување, неспремна за тоа одделување. Во главата си ги повторуваше зборовите „Нека те прати светлина. Нека на твојот пат не излезат сенките. На тоа лице никогаш да не избледне таа насмевка која се расипуваше само кога ќе се судреше со земјата во обидот да полеташ. Ако некогаш се изгубиш, знаеш дека можеш да се вратиш во своето родно гнездо. Без разлика колку време ќе помине, јас ќе бидам тука да те фатам кога твоите крила ќе стежнат. Ќе те чекам”. „Летај чедо мое, летај!”, извика таа на цел глас.
„Чичо, навистина ли тоа дете полета, лета ли уште?” - праша малата сезнајка.
Човекот низ насмевка одговори, „Лета, заедно со многу други деца кои беа решени да полетаат. Високо на небото го освојува светот, се враќа повремено да ја види својата мајка, да и го раскаже светот, да ја насмее. Да ѝ ја удави тагата и да ја потсети колку е убав животот.“
Со својот замав го менува мирисот на воздухот, текот на сонцето и смислата на животот. Сите тие деца кои сонуваа да летаат, го менуваат светот, секојдневно, непрестајно, незабележително, пополека, со мали чекори кои само ќе донесат огромни промени во иднина.
„А кажи ми чичо, дали јас ќе успеам да полетам како тоа дете со сини очи и голема насмевка?” - праша таа љубопитно.
„Со самата твоја искрена насмевка и тие очиња кои ми го топат светот и ме прават слаб, ти веќе потсетуваш на тоа дете кое полета. Ти си на чекор од својата патека, млада дамо. Секако дека ќе леташ мила, само прво треба да се наспиеш, ајде сега брзо, ќе ти избегаат убавите сни” - рече тој смеејќи се одвнатре.
Девојчето не чекаше ниту збор повеќе, веднаш потонуваше во перницата и мижеше, сонувајќи за својот полет, за детето кое лета и хоризонотот. За птичјата перспектива и за убавиот живот кој ја славеше љубовта. За сето она што ѝ беше непознато, за животот кој се криеше во таа слобода. Сонуваше несвесна дека и таа припаѓа на тоа јато, јатото на децата кои едноставно мораа да полетаат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело