Ајде да ја ѕирнеме главата дали има вошки - непреболени трауми од детството
Дечиња, испружете ги рачињата на клупите заедно со чистите шамивчиња, одѕвонува гласот на учителката. Таа ги прегледува нашите нокти дали се чисти, дали си носиме чисто шамивче и со стапчето ѕирка низ прамените коса, додека ние срамежливо се гледаме под око.
Едно ваше другарче има вошки. Не, не ви кажувам кое е, демонстративно појаснува учителката, а по половина час го повикува дотичното несреќно детенце во нејзината канцеларија. Јасно е, тоа другарче има вошки.
Влегуваме дома силно возбудени. Мамо, Надица има вошки! Пред да почнеме да се смееме, мајка ми нé проверува и кусо кажува – одлично, сега имате и вие.
Неброени пари фрлени на шампоните против овие црни гнасинки. Кој и да бил иноваторот на оној чешел со запци за вошки мора енормно да се збогатил, бидејќи апсолутно сите го имавме по дома.
Леле, цел еден чек напишав за да го купам тој чешел, објаснува мајка ми. Ама животот ни го спаси. Ти навистина беше големо вошкарче. Добро, не се лути сега, вошките одат само на чисто.
Какви непреболени трауми. Си седиш по дома, мирно си гледаш цртан и филм и одеднаш слушаш – да ја ѕирнеме косичката дали има некоја нова гостинка денес?
Целиот свет ти се урнисува пред тебе. Влечење, миење, чешлање, кубење на косата. И оној понеделнички преглед на училиште, леле само јас да не бидам таа која ќе ја викнат во малата канцеларија на учителката.
Пред некој ден колешката ми се пожали како малечките фатиле вошки во училиште. Не можев а да не се насмеам, иако немаше ништо смешно кога јас ја преживував траумата.
Секако дека ѝ го позајмив фамозниот чешел во дречлива зелена футрола. Многу работи се менуваат, но некои трауми од детството остануваат засекогаш исти.
Слично како онаа од баба – Ќе ти го истурам јадењето во шијата. Немојте да мислите дека бабата се изразуваше само фигуративно, таа навистина подистури малку од манџата во вратот на братучедот.
Претпоставувате како изгледаа чиниите после заканата, изгланцани како штотуку да се измиле, изедено сé до последното залаче.
Ваквото однесување нé води до последната траума – училишниот систематски преглед. Поради бабините закани ние сите бевме мали буцковци, како балончиња со хелиум.
Се строиме во редот и се молиме во себе да не ја кажуваат тежината пред сите другарчиња на цел глас. Докторите како за инает ги кажуваат бројките гласно, како да голтнале мегафон во грлото.
Усрамени, вцрвенети, со кнедла во грлото си ги прибираме здравствените книшки. Отвараме да прочитаме што ни напишале. Добро е, барем немаме вошки. Еден срам помалку.
Ах, детство. И покрај сите трауми, ти навистина беше смешно и незаборавно.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело