Закрпенa облека, скинати чевли, празни погледи - Тоа е лицето на мојот народ

Zakrpeni-alista-skinati-cevli-prazni-pogledi-toa-e-liceto-na-mojot-narod-01.jpg

Вистинската слика за една држава нема да ја видите во нов трговски центар, каде што подот и излозите блескаат.

Таму, каде што едно парче облека може да чини дури половина од вашата плата. Онаму каде што за момент ве заслепува сјајот на светлата, успевате да изгледате еден нов филм, чие купување на карта значително ќе влијае на вашиот скромен буџет.

Таму каде што се мешаат мириси на интернационална храна и скапи парфеми.

Се мешате во толпата, зјапате по накитените излози и за момент се обидувате да заборавите на секојдневието.

Вистинската слика за овој народ ќе ја добиете во болница. Не на приватна клиника, туку во државна установа.

Луѓе дојдени уште во 6 изутрина, од сите делови на Македонија. Луѓе во чии очи ги гледате сите потонати соништа. Таму некаде во синилото и сивилото на туѓите погледи, се изгубила и надежта.

А кога надежта е изгубена, изгубено е сè.

Утро е, чекаме преглед. Уморни и загрижени. Една млада мајка се обидува да го смири бебето кое вреска. Чувствувам дека и тоа мало душиче ја намирисува трагедијата на нашето секојдневие.

Подолу, еден постар човек си јаде геврече, со некој нем израз, го растегнува тоа суво тесто и секој момент очекувам да му капнат неколку солзи и да го натопи за да не му се заглави појадокот во грлото.

Ме обзема тага, се заканува дека ќе ме проголта. Постара женичка почнува да плаче. Ѝ велат да се врати утре на преглед.

„Ама ние сме дојдени од Кочани, пак ли да доаѓаме утре? Немаме каде да преспиеме“.

Си заминува со свенати раменици. Срцето ми се распарчува како стакло.

Изнемоштени, гладни, тажни и сиромашни. Ете таква е сликата. Ете таква ни е државата.

Закрпена облека, скинати чевли, суви лица, изгубени погледи. Замолчани во една точка, чекаме да го изговорат нашето име. Чекаме да се случи чудо.

На излегување, една женичка на шалтерот детално го пребројува паричникот.

Рошка барајќи уште 20 денари за да го плати прегледот.

„Не ми остана ништо за автобусот“, се насмевнува од мака. Сакам да ѝ понудам пари, кога господинот до неа веќе ѝ подава метална 50-денарка.

„Благодарам, ќе поодам пешки. Добро е за здравјето“.

Жената излегува со блага насмевка. И јас живнувам поради тој несебичен гест на добрина од човек кој не го познаваш. Можеби сепак не е изгубена сета надеж на светот. Сè уште има добри луѓе тука.

Излегувам и одвај ги сопирам солзите...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Седев сама на гинеколошка онкологија во Скопје и ми се плачеше „Тргнав утрово на скопската клиника, а нозете ми се враќаа назад. Не сакав никој...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg