Вистинска исповед - Животот на еден Македонец на брод
„Најдобрата работа кога си на брод е што можеш да го прошеташ целиот свет и да видиш места за кои можеш само да сонуваш. А најлошата – што немаш ниту еден слободен ден во текот на работниот договор, кој вообичаено трае од 7-9 месеци“, вака ја започнува приказната 30-годишниот Македонец, кој поради заштита на идентитетот ќе го нарекуваме Марко, иако тоа не е неговото вистинско име.
Марко во моментов е на одмор во Македонија, а зад него се 3 изминати работни сезони на брод. Вели дека првото искуство е секако бесценето и ништо не се споредува со спомените и пријателите од првото патување и работа.
Што го натера Марко да си ја побара среќата на брод? Тој објаснува дека безизлезноста, немањето никаква перспектива за напредок и работа тука, дури и неколку години по завршувањето на факултетот, го мотивирале да аплицира за работна позиција.
Напредувал прилично брзо, бидејќи после 3 работни сезони е унапреден и со нетрпение го очекува 4-тото крстарење, кое ќе се одвива на релацијата Јапонија, Кина, Југоисточна Азија и Индија.
„Ова ми е првото крстарење на таа страна од светот. Првите три тури беа сконцентрирани околу Америка и Европа. Не знам колку држави сум посетил, сигурно над 30. Со нетрпение очекувам да ги видам и Кина и Јапонија“, вели Марко.
За бродот пак, вели дека е огромен хотел со 5 ѕвезди, само што плови на вода.
Што сè има на бродот? Сè што можеш да си замислиш, од многубројни интернационални ресторани, до спа-центри, базени, терени за кошарка и голф, до кино и концертни сали, фризерници, казина.
Куси се часовите за одмор, бидејќи животот на бродот се одвива 24/7, и е искуство какво што никогаш нема да доживеете.
Колку е безбедно на бродот, особено за женскиот пол? „Безбедноста на бродот е на особено високо ниво. Патниците, но и персоналот се целосно заштитени. Правилата се строги и мора да се почитуваат, без исклучок. Не се дозволени никакви љубовни авантури помеѓу гостите и персоналот. Е помеѓу членовите на персоналот, тоа е веќе друга приказна“ – се смее Марко.
„Но, ако девојката на која ѝ пристапуваш ти каже НЕ, а ти упорно продолжуваш да ѝ се ,пушташ’, ќе си ги собереш парталите за многу кратко и ќе се најдеш на копно. Посебно е опасно ако ѝ го попречиш патот и ако нема од каде да те заобиколи или да те одмине. Казните се ригорозни, а во Америка можеш и законски да одговараш за ваквиот пристап“ – вели Марко.
Како изгледа еден работен ден? На последната тура, Марко работел како дел од спортскиот персонал, кој се грижел за гостите кои сакаат да се искачуваат на вештачка карпа, висока 12 m. Обезбедена е опрема и постојан надзор, а најстарата личност која се искачила на карпата и успеала да заѕвони на ѕвончето на врвот, била 93-годишна бабичка со корејско потекло. Нејзините внучиња, за жал, се умориле малку пред средината и се симнале да си ги доиграат видео-игрите.
Работниот ден зависи од распоредот и желбите на гостите. Понекогаш може да имаш само 2 часа работен ангажман, понекогаш 12 часа.
„Нашата идеја за одмор е вообичаено плажа, пливање, коктели или пиво... нивната идеја за одмор е токму тоа – крстарење на луксузен брод, каде што, каков вид на забава и да посакаш, ти е лесно достапна“.
Колку може да се заработи на брод? Одговорот е – прилично многу. Нормално, сè зависи од работната позиција и коментарите кои ќе ги добиете на крајот од патувањето, а ве оценуваат гостите, меѓутоа, дури и оние на најниската работна позиција, на палубата или во рестораните, каде што се подразбира дека вработените не зборуваат англиски и немаат никаков контакт со гостите, за 6-9 месеци, може да заработат помеѓу $6.000-8.000 долари.
Оние на повисока позиција како Марко, за истиот тој временски период успеаваат да заштедат дури до $14.000 долари. Марко вели дека сепак не штеди премногу, секое искуство има цена, но животот е краток и треба да се ужива во него.
Летал со падобран во Аруба, а искуството чинело околу $500 долари, нуркал на вториот најголем корален гребен кој се протега од Белизе до Хондурас, за слична цена, но вели дека не жали за ниту еден потрошен долар.
Секако, тука се незибежните подароци за домашните, а ако од првото патување не си купиш скап лаптоп, просто не си Македонец, се смее Марко.
Сите работи што се продаваат на бродот се ослободени од ддв, слично како на фри-шоп, и можеш да си купиш многу евтина дизајнерска облека, накит или алкохолни пијалаци, но конкретно алкохолот ќе си го земеш последниот ден, пред да го напуштиш бродот.
Марко носи незаборавни спомени од овие работни искуства и не планира да престане да работи на брод, односно ќе работи сè додека му ги обновуваат договорите.
На прашањето дали планира да живее во Македонија, тој одговара јасно – НЕ.
„Светот е огромен, има толку многу убави места за живеење, каде што те ценат тебе и твојот труд. Ти треба само да работиш, да си чесен, и да ги почитуваш законите, а за возврат ќе добиеш одлични услови за живот“, појаснува Марко.
Што најмногу ти недостига на бродот? „Покрај семејството и пријателите, најмногу ми недостасува интернет. Има интернет на бродот, да, по цена од $25 долари за час“, се смее Марко.
На бродот има работа, многу дружба, нови пријателства и нормално – љубов.
Но, колку трае љубовта на брод? Колку што ти трае и договорот – завршува Марко.
(О)Милена | Црнобело