„Не можам да си ја видам Битола од смог и чад - пропаднала во тешката смеса од сулфур и согорени пластики“
Баба ми ги перела алиштата, видела малку сонце, па ги извадила надвор да се исушат побрзо. Цела недела помина, а сè уште ја слушам како ми зборува дека ѝ замирисале од чадот и нечистиот воздух. Не се проблем алиштата на баба ми, туку тоа дека немаме одговор на прашањето - Колку е чист воздухот којшто го вдишуваме секојдневно?
Доколку се закашлате, во Битола би ви рекле: „Але, шо ти е толку шо кашлаш, да не сакаш да ти свариме еден чај од тро босилек?”
Би ви кажал дека малку ме гребе грлото и дека чувствувам некаков горчлив вкус на метал во устата, но сигурен сум дека не сум настинат.
Некако и отежнато ми е дишењето. Како некоја грутка да имам во градите која постојано ме чепка и кине, а не сум воопшто стар за да имам такви проблеми со дишењето.
Искрено да ви кажам, ни вашиот чај од босилек нема да нè спаси доколку продолжиме да се труеме од нечистиот воздух кој демне насекаде околу нас периодов.
Од друга страна, пак, мојата баба ги перела алиштата, видела малку сонце, па ги извадила надвор да се исушат побрзо. Цела недела помина, а сè уште ја слушам како ми зборува дека ѝ замирисале од чадот и нечистиот воздух.
Не се проблем ниту алиштата на баба ми, ниту тоа што таа ќе мора повторно да ги испере, туку тоа дека немаме одговор на прашањето: „Колку е чист воздухот којшто го вдишуваме секојдневно?”.
И додека станува сѐ потешко да се дише, ние се однесуваме како да ги имаме сите можни решенија на светот.
Сместени во сопствениот аквариум полн со катран, затворени како со најлонски кеси на главите кои силно нè задушуваат и не ни даваат да живееме. Во борбата наречена потрага по чист воздух за да можеме да преживееме.
Не сум ниту натпросечно паметен, ниту сум нешто многу битен за да кажувам што треба ние како народ да правиме. Само не сакам дополнително да страдаат болните од загадениот воздух кој како сабја ги сече нивните бели дробови.
Не сакам децата да бидат спречени од играњето во снегот поради тоа што ние мораме постојано и до продавница да одиме со автомобил кој испушта отрови во воздухот.
Не сакам старите лица да пешачат со маски на лицата бидејќи стравуваат од бесниот чад кој го испуштаат разлутените оџаците на фабриките и куќите.
Некако сте ми се изгубиле во црната магла. Сè поретко можам јасно да ве видам. Повеќе ги гледам светлата на автомобилите кои постојано светат, отколку вашите очи.
Не го гледам ни сопствениот град, бидејќи пропаднал во тешката смеса од сулфур и согорени пластики, во изгорените гуми и масла кои се впиваат во нашиот организам и го гризат како гладни црви после наврнат дожд.
И, на крајот од денот, не е ни важно погодувањето дали се автомобилите, фабриките или греењето на дрва виновни за отворената војна со нечистиот воздух која ја водиме.
Наместо секоја зима да се чудиме од каде е загадувањето, треба да преземеме соодветни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Воздухот е нешто што не може да се купи со пари, туку тој е основниот услов за живот на сите нас.
И додека луѓето што се греат на дрва се посочени како единствените виновни, а не и фабриките и автомобилите, и додека нè советуваат доколку сакаме чист воздух, тогаш треба да се преселиме во село или планина, времето поминува а ние се труеме со нечист воздух.
Би ве запрашал – мислиме ли воопшто на идните генерации? Што ќе дишат тие ако продолжиме по истата патека? Зарем ќе дозволиме и тие да се трујат на истиот начин како и ние?
Да дишиме чист воздух не е обврска само на властите, туку колективна и сложна посветеност на сите нас како општество. Бидејќи, Скопје и Битола секојдневно се борат кој да го заземе првото место во град со најзагаден воздух.
Дали утре ќе одиме на работа пеш, со велосипед, ќе користиме јавен превоз или автомобил стана многу важно. На што ќе се грееме и каков автомобил ќе купиме исто така е прашање за размислување.
А, дали ќе направиме нешто за да го зачуваме колективното здравје и да го подобриме животот за идните генерации е дополнителна одлука од која можеби и животот ни зависи.
Јас не сакам да живеам дишејќи отежнато како во кеса, не сакам да се плашам од сопствениот град поради тоа што некој го завил во црна и смрдлива мантија.
Не сакам да тонам во аквариумот полн со смог, бодејќи се свесно со инјекцијата на отровот.
Јас размислувам за луѓето околу мене и за идните генерации, бидејќи јас сакам да дишам чист воздух.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобелo / фото: freepik.com