Мразам празни, плитки, разговори полни со трачеви кои не водат никаде...
Се променив, колку другите и да ја мразеа таа моја промена, за која јас претпочитав да ја наречам метаморфоза, бидејќи не беше промена кон полошо, јас ја обожував.
На некој начин најдов излез од сите безизлезни ситуации и вешто знаев да ги избегнам сите здодевни средби.
Луѓето често пати ми препишуваа карактеристика арогантност, понекогаш знаеа да кажат дека сум несоцијализиран, но јас често знаев да кажам дека само оној кој поминал низ истото знае која е мојата причина и која е мојата цел.
Беше среда, напорен ден, некако како да беше претежок, за мене многу потежок од понеделник, бидејќи ми претставуваше некое ограничување, како искачување на врвот.
Сè беше полесно штом ќе поминеше среда.
Колегата кој седеше во клупата пред мене се заврте и на мое изненадување ме запраша прашање што направи да му посветам мало внимание.
„Зошто комуницираш само со одредена група на луѓе, зарем другите не сме доволно добри или ти се ставаш самиот на пиедестал па мислиш дека си подобар од другите?“ - рече тој со дрзок тон.
„Она што ти го препишуваваш на моја арогантност, јас го препишувам на мое избегнување на секојдневната драма. Но. ми се допаѓа твојата дрскост и ќе се потрудам да ти дадам комплетен одговор на твоето прашање.
Едноставно мразам малограѓанштина, мразам празни, плитки, разговори полни со трачеви кои не водат никаде.
Прераснав во човек кој сака многу работи. Затоа сакам да зборувам за љубовта, за сексот, за животот, атомите и вселената, науката која секојдневно се случува околу нас.
Природните феномени кои ни го запираат здивот, галаксиите кои се фрапантни, за добрата музика која го менува светот и предизвикува подигнување на секое влакно на мојата кожа.
Сакам да зборувам за моите соништа и за она што ме држи буден навечер, сакам да раскажам за моето детство и спомените кои доаѓаат со него, моите емоции и стравови, едноставно сакам да водам длабоки разговори, со емоции.
Не ме сфаќај погрешно, но не секој знае да води такви разговори, јас барам луѓе со отворен ум кои ќе знаат да ме разберат, а не секој ја има таа моќ.
Затоа се држам до оние кои сум се убедил дека можат да ја издржат таа тежина на својот грб. Се оградувам и избегнувам плитки разговори и луѓе желни само за ширење лаги и невистини за сè што не опкружува.
Но, тоа не значи дека сум подобар или другите не се доволно добри, ако видам потенцијал за разговор влегувам во него, ако не зошто залудно да го трошам моето време на бесцелни разговори?“
Ме гледаше збунето, но не беше моја вина. Сигурно очекуваше да одржам говор во кој се воспевам себеси, а тоа беше нешто што јас лично најмногу го мразев.
Можев да гарантирам дека моите зборови го натераа да размисли и тоа не само за мене, туку за сите кои на некој начин се оградуваат од општеството или барем од дел од општеството.
Колку и да делуваше можеби банална, сепак мојата причина за мене беше доволна за јас да живеам по тие правила, а ако заборавив да споменам ги обожавав моите правила...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело