Кога грешката прераснува во неочекуван успех...
Честопати луѓето настојуваат да избегнуваат грешки, но колку и да се трудиш да ги одбегнеш тие ќе те стигнат и ќе се случат кога најмалку очекуваш.
Така функционира животот како еден сигнал кој постојано се менува еднаш во позитивна, еднаш во негативна насока.
Никогаш не се плашев од она што може да се случи додека работам, сè до една августвоска сабота, некаде кон осум часот. Работев сезонски во ресторан и бев релативно нов, но добро се снајдов во новата околина и брзо се разбрав со колегите и со одговорните. Ја познавав работата и немав никакви проблеми.
Тој ден сопственикот очекуваше некој партнер со кој требаше да направат важна зделка, а тоа значеше дека нашата услуга треба да биде на највисоко ниво за гостите да бидат задоволни. Беше тоа голема задача и ме прашаа пет пати дали би се снашол, јас самоуверено им одговорив дека нема што да погрешам.
Заедно со колегата наместивме сè што беше потребно и ги сместивме очекуваните гости. Се течеше според планираното, сè до моментот кога требаше да ја кренам лажицата откако господинот ја изеде супата.
Некако трапаво, ми се лизна од рацете, падна врз неговиот скут и се слушна еден звук на непосакано ѕвонење додека лажицата се одбиваше од подот, а неговиот костим беше испотурен од она што останало на лажицата.
Сите во салата се завртеа токму во мене, гостинот зема шамивче за да се избрише, а јас да се извинувам милион пати.
Од левиот дел на салата го гледав шефот кој ми упатуваше убиствени погледи и ме повика веднаш во кујната.
Знаев дека следи отказ, си помислував како можев да бидам толку несмасен и баш кога е најважно да ја зафркнам целата работа, некако во животот како постојано да го правев тоа и да паѓав на такви важни тестови.
Кога отидов во кујната имаше викотници на сите страни, јас во центар, сите колеги загледани во мене, а шефот упатуваше секакви можни навреди на моја сметка.
Молчев и голтав, што можев друго да направам, внивен бев признавам, ја уништив важната вечера.
Но, на сечие изненадување влезе шефот заедно со господинот кој требаше да ја склучи зделката, а знам дека беше навистина важно за ресторанот тоа да се случи. Ме потапка по рамото и рече ова е нашето несовршено момче. Шефот беше поцрвенет од нервоза, а господинот ме повика на страна.
„Не се плаши, нема да го истурам својот гнев врз тебе. Сакав да ти се заблагодарам што ме потсети на еден убав настан врежан во мојата меморија. Мојата мајка пред да почине, на последната вечера која што ја имавме заедно, исто како и ти ја испушти лажицата и падна во мојот скут. Тој звук на металот и плочките ме вратија назад во едно време и ме потсетија на личноста која беше сѐ во мојот живот. Иако сите помислија дека вечерата ми е уништена, баш напротив за мене вечерата доби смисла. Го почувствував нејзиното присуство после толку години, ти благодарам“.
Ме потапка по рамото и отиде да ја заврши вечерата, шефот остана и му кажа на еден од надредените да ми даде дупла дневница, бидејќи деловниот ручек успешно завршил и зделката била успешна.
Сите ме гледаа со негодување, како да им беше криво што мојата грешка резултираше со сосема спротивното.
Сите, вклучувајќи ме и мене мислеа дека тоа ќе биде фатално, но напротив мојата грешка направи магија која го убеди човекот да ме засака и мене, можеби и местото, едноставно беше апсурдно, неопишливо, но се случи.
Тој ден си отидов со дупла дневница, газдата со голем договор, но пред сè сите од нас си заминавме со лекцијата дека и покрај тоа што се случи недозволива грешка која што би требало да резултира со апсолутен неуспех, настана токму спротивното.
Од тој ден наваму секогаш си спомнувам во главата дека не секоја грешка мора да значи пораз. Некои грешки всушност и не се грешки, тие се почеток на еден успех кој сè уште е во сенка и она што си мислел дека е несвојствено да го направиш за да постигнеш нешто ќе биде токму клучниот фактор кој ќе го дефинира тој успех.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело