Два остри камења не мелат жито
Помина време, многу време,а сè уште ми доаѓаш во мисла. Така нечујно, кратко, блиц, си помислувам на нас и сè што можевме.
Навистина понекогаш не разбирам зошто нашите патишта се разминаа. Дали не бев доволно добра за тебе или ти беше премногу силен за мене?
Бевме пар на кого многу му завидуваа. Сакавме иста музика, излегувавме на исти места, никогаш не се каравме за изборите, дали тоа било ресторанот во кој ќе ја поминеме вечерта или тоа беше туристичко место кое сакаме да го посетиме, секогаш се согласувавме за филмот кој ќе го гледаме.
Ги сакавме истите бои, имаме исти идеали во животот, посакувавме заедничка иднина.
Единствена разлика во нашето функционирање беше што јас повеќе си го имам муабетот со татко ми, а ти со мајка ти. Но, тоа не беше проблем за јас и ти да бидеме заедно.
Се сеќавам на првата годишнина... Сакав да ја посетиме новоотворената таверна во градот, но не ти кажав, а ти ме однесе токму таму, ми го подари часовникот што неколкупати го загледував на излогот и свиреа латино таа вечер, а јас и ти игравме во исти ритам.
И нашите срца играа во исти ритам, сè беше премногу совршено, да постои и опстои.
Бевме исти за многу работи, дури и родендените ни беа на два дена разлика, јас на 17-ти, а ти на 19-ти.
Правевме планови како наредна година ќе славиме заедно во омилениот кафич. Но, не дојде таа година, сè застана тука некаде, затоа што ти сакаше да бидам само твоја, а и јас сакав да бидеш само мој.
Затоа што сакавме исти работи, затоа што ни пречеа исти работи, затоа што ти мразеше кога јас ќе задоцнам, и јас мразам доцнење. Затоа што се лутеше кога ќе го заборавев телефонот во другата соба и не можеше да ме добиеш некое време, а јас се лутев кога немаше да ми кренеш.
Бевме толку исти, што нè уби неможноста од разлика, а различностите се надополнуваат. Нè уби гордоста и двајцата бевме исти, горди. Тоа го гледам и ми е јасно како ден, не за џабе рекле старите, а биле во право: два остри камења не мелат жито!
Н. Т. | Црнобело