Во Охрид собиравме полни ќеси јаболка, во Дојран колачиња на стапче – Коледе од моето детство

Секој град има свое објаснување за тоа како правилно треба да се прослават празниците, за адетите и обичаите, но се чини дека го забораваме најважното: Празниците се љубов... Љубов кон семејството, кон Бога, кон ближните... Не е важно каде и како ги славите празниците, важно е да ги прославите со чисто срце и со љубов!

vo-ohrid-sobiravme-polni-kjesi-jabolka-vo-dojran-kolachinja-na-stapche-kolede-od-moeto-detstvo-01.jpg

Нашата земја е убава и разновидна, ова може да се воочи преку тоа што секој град има своја различна традиција и обичаи, а за среќа, јас сум била од оние деца што имале можност да почувствуваат дел од убавините на празниците во повеќе македонски градови.

Со оглед на тоа што моите родители потекнуваат од Дојран и од Радовиш, а пораснав во Охрид, како дете имав можност да искусам барем три различни традиции.

Секој град си има свои адети и своја песна, но едно е исто – дечињата стануваат рано како предвесници на божиќните празници и со коледарска песна го најавуваат големиот празник што доаѓа.

vo-ohrid-sobiravme-polni-kjesi-jabolka-vo-dojran-kolachinja-na-stapche-kolede-od-moeto-detstvo-03.jpg

Во Скопје претходната вечер горат коледарските огнови, а наутро се слуша песната на коледарчињата кои на цел глас ја пеат својата песна.

Да бидам искрена, тоа не сум имала можност да го сретнам на други места. Пак ќе речам – секој град со својата традиција.

Во Охрид на Коледе одевме со другарчињата од маало. Сите опремени со големи ќеси.

Речиси на секоја врата нè пречекуваше насмеана домаќинка, која дели јаболко, оревчиња, бонбончиња и по некоја ситна паричка.

Од утро до пладне, се знае: од куќа до куќа се пеат коледарски песни, во надеж дека некој ќе фрли и некоја покрупна паричка – за да си купиме по нешто.

„Коледе леде паднало греде, утепало деде...“

vo-ohrid-sobiravme-polni-kjesi-jabolka-vo-dojran-kolachinja-na-stapche-kolede-od-moeto-detstvo-02.jpg

Таман се навикнав на оваа традиција, кога за еден распуст моите родители одлучија да заминеме во Дојран на неколку дена и таму со семејството на татко ми да ги прославиме празниците.

Чинам дека токму тогаш сфатив која е убавината и разноликоста на нашата држава.

Возбудена и збунета, гледав како татко ми ме подготвуваше претходниот ден за празникот. Со часови бараше совршено дрво, за нешто, а јас со моите детски години не можев да разберам.

Подоцна ми објаснија дека таму, наместо само со ќеси, на Коледе се носи и стапче во форма на чатал со долги краеви, а секоја од домаќинките освен паричка и овошје на стапчето става и по едно чајно колаче со дупка во средината.

Песничката горе-долу беше иста, но се сеќавам како со голема возбуда гледав како секој ми ставаше по едно колаче на стапчето. Е, тоа беше Коледе за паметење.

vo-ohrid-sobiravme-polni-kjesi-jabolka-vo-dojran-kolachinja-na-stapche-kolede-od-moeto-detstvo-04.jpg

Со смрзнати рачиња го стегав стапчето, но пресреќна затоа што за првпат имам можност на Коледе да одам со братучедите и празниците да ги прославам со поширокото семејство.

По преселбата во Радовиш, пак нови проблеми. Адетот е ист како во Охрид и Дојран, на коледе се оди рано наутро, тука со ќеси наместо со стапчиња, домаќинките даваат овошје, парички, оревчиња и бонбони, но песната е сосема различна:

„Кој спие нека стане, нека месе колачиња,

Ако нема колачиња, нека дават динарчиња,

Ако нема динарчиња – џамо на парчиња!“

Дента пред Коледе, цел ден ја учев песната за да можам да ја пеам. И тоа не само зборовите, туку и акцентот што е сосема различен.

И за крај, ќе ме прашате: Зошто ви ги раскажувам сето ова?

Затоа што со текот на годините се чини дека оваа коледарска традиција полека замира. Малите гратчиња стануваат сè попразни, младите си заминуваат, а со нив и децата што треба да ги пеат песните.

vo-ohrid-sobiravme-polni-kjesi-jabolka-vo-dojran-kolachinja-na-stapche-kolede-od-moeto-detstvo-06.jpg.jpg

Сега јас сум домаќинка, секоја година се подготвувам за празникот, но коледари има сè помалку, едвај по 2 до 3 групи дечиња доаѓаат да запеат, а на социјалните мрежи се води жестока дебата за тоа како се слават празниците: Дали се меси лепче за Бадник или, пак, се меси пита за Василица, дали се пали оган за Коледе или за Прочка...

Секој има свое објаснување за тоа како правилно треба да се прослават празниците, за адетите и обичаите, но се чини дека го забораваме најважното: Празниците се љубов... Љубов кон семејството, кон Бога, кон ближните...

Не е важно каде и како ги славите празниците, важно е да ги прославите со чисто срце и со љубов и да се радувате на времето поминато со најблиските.

Не е важно дали ќе донесат јаболка или колачиња на стапче, празниците се денови на кои нашите деца ќе се сеќаваат цел живот, а всушност тоа е и суштината на традицијата – да се пренесува од колено на колено и да не се заборави.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Водици некогаш во Охрид - Со нетрпение чекавме да се фрли крстот во студеното езеро“ Традиционално за Водици, јас секоја година одев во Охрид каде што живееше мојата...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg