До сите родители кои треба да им ја кажат вистината за Дедо Мраз на своите деца
„Дедо Мраз постои, но тој не е старец со брада и црвен костим. Тоа е само нешто што им го кажуваме на децата бидејќи се премногу мали да ја разберат вистината. Дедо Мраз е идеја која значи да дадеш нешто без да очекуваш благодарност или признание“.
Синот: „Тато, мислам дека сум доволно возрасен. Постои ли Дедо Мраз?“
Таткото: „Се согласувам дека си доволно возрасен. Нo, пред да ти кажам, имам прашање за тебе. ’Вистината‘ може да биде опасен подарок. Штом ќе дознаеш нешто, не можеш да го ’одзнаеш‘. Штом ќе ја дознаеш вистината за Дедо Мраз, никогаш повеќе не ќе можеш да го разбереш и да се поврзеш со него како сега. Па, моето прашање е: Дали си сигурен дека сакаш да знаеш?“
Синот: „Да, сакам да знам“.
Таткото: „Во ред, ќе ти кажам. Да, Дедо Мраз постои“.
Синот: „Навистина?“
Таткото: „Да, навистина, но тој не е старец со брада и црвен костим. Тоа е само нешто што им го кажуваме на децата. Децата се премногу мали за да ја разберат вистинската природа на Дедо Мраз, па им ја објаснуваме на начин на којшто можат да разберат. Вистината за Дедо Мраз е дека тој воопшто не е личност, тој е идеја.
Помисли на сите подароци што Дедо Мраз ти ги дал низ годините. Всушност, јас самиот ти ги купив. Те гледав како ги отвораш. И, дали ми пречеше што не ми се заблагодари? Секако дека не! Всушност, ми причинуваше задоволство.
Дедо Мраз е идеја која значи да дадеш нешто само затоа што сакаш да го дадеш, без да очекуваш благодарност или признание.
Кога минатата недела видов жена која изгуби свест и повикав помош, знаев дека таа никогаш нема да дознае дека јас сум повикал брза помош. Јас всушност бев Дедо Мраз кога го направив тоа
Па, сега, штом знаеш, и ти си дел од тоа. Сега и ти треба да бидеш Дедо Мраз. Тоа значи дека не смееш да им ја кажеш тајната на малите деца и треба да помагаш во избирањето подароци од Дедо Мраз за нив. И, најважно, треба да бараш можности да им помагаш на луѓето. Јасно ти е?“