Подарок кој ќе го паметам цел живот
Да… сум добивала многу мечиња, но тоа мече не беше како останатите.
Беше приквечерина, а тој ме чекаше со автомобилот. Ќе излегувавме во град. Се знаевме речиси 3 месеци. Што би се рекло, во цутот на љубовта, на прагот на запознавање…преиспитување.
Иако се знаевме кратко, имав чувство како отсекогаш да го знам. Дотогаш ништо ми немаше подарено. Ми рече “Имам нешто за тебе” , и ми го подаде мечето.
Јас останав зачудена. Мечето беше старо, едно око му беше паднато. Имаше марама околу вратот. Му реков “Oва е за мене?“. Тој ми рече: “Да”.
Го зедов во раце и го разгледував.
Потоа ми даде и слика каде тој е многу мал и го држи мечето во раце. Сè ми стана јасно. Тој се одлучил да ми го даде мечето од своето детство, со кое ги делел ноќите.
Ме облеа топлина и невидено чувство на среќа и привилегија.
Потоа се созедов и му реков дека не сакам да го земам, тоа е премногу значајно за него. А тој ми рече, дека токму затоа сака да ми го подари. Останавме цела вечер разговарајќи еден со друг за своите детства, за своите лудории.
Беше прекрасна вечер. А, јас кога и да го видам тоа мече, кое патем седи во мојата соба, ми доаѓа пријатно чувство.
Тоа беше најуникатниот подарок што сум го добила. Со тоа мече, тој ми даде дел од својата личност, дел од своето детство, од своето дете, ми даде толкава доверба дека јас можам да го чувам тоа мече старо речиси 25 години.
Како и да е, подарокот од љубов е многу поскап од подарокот кој е платен милион денари!
Н. Т. | Црнобело