Живеам во Стојаково: Зошто избирам да живеам во село, наместо во град?

Тука се живее послободно, трчаме на сопствена земја, се движиме послободно и без страв, a ноќе уживаме во тишината. Овде децата играат слободно, а маалските игри сè уште се присутни низ улиците...

zhiveam-vo-stojakovo-zoshto-izbiram-da-zhiveam-vo-selo-namesto-vo-grad-01.jpg

Живеам во Стојаково, село кое не треба само да се види, туку и да се доживее. Овде мирот не е скап, а отворениот простор, тишината и чистиот воздух не би ги менувала за ништо.

Тука, во југоистокот на нашата мала, но преубава земја, Македонија, е сместено ова село кое со својата топла клима нема да ве пушти да заминете уште веднаш.

Иако во минатото повеќе населено, а денес младите не ја гледаат овде својата иднина, сепак, Стојаково не ја остава традицијата на забот на времето, па оние кои решивме своите „гранки да ги пуштиме овде“, со полн здив ги држиме конците кои ги исплетоа нашите предци, пренесувајќи им нешто вредно на нашите поколенија.

Одовде ќе си заминете со полни раце раноградинарски производи, а иако во минатото повеќе се произведуваше, имајќи ја предвид погодната топла клима и силните средоземни влијанија кои продираат во Стојаково, и сега во дворовите неретко се среќаваат пластеници каде што жителите одгледуваат свои, биолошки производи.

Немањето премногу метеж и големите предности од тоа

Како и во повеќето села, така и во Стојаково, големите метеж се реткост, а доколку гледаме од позитивен агол, ова има и тоа како големи предности.

Стојаково има претежно добри и асфалтирани улици, а метежот е присутен само при поголеми манифестации (кои не се чести во текот на годината). Останатиот дел од годината се живее мирно, тивко и доста побавно.

Секаде можеме да пристигнеме брзо, а притоа да добиеме поголем дел од работите кои ни се потребни во секојдневието. За нешто повеќе и за извршување некоја обврска плус, тука е Гевгелија до каде што можеме да стигнеме за околу десетина минути.

Всушност, ние уживаме во мирот и спокојното излегување надвор, а притоа не сме „скратени“ од никаков „луксуз“, а тоа што се наоѓаме блиску до граничниот премин Богородица, е уште една голема предност.

zhiveam-vo-stojakovo-zoshto-izbiram-da-zhiveam-vo-selo-namesto-vo-grad-04_copy.jpg

Помалку стрес, како за возрасните, така и за децата

Искуството со живеење во поголем град ме научи дека сепак, тука во родното Стојаково, стресот е на многу помало ниво, како за мене, така и за моите деца.

Тука се живее послободно, трчаме на сопствена земја, се движиме послободно и без страв, ноќе уживаме во тишината, а неретко имаме можности да уживаме и во погледот кон ѕвезденото небо.

Овде децата играат слободно, се собираат во „свои катчиња“, а маалските игри сè уште се присутни низ улиците, во обид да се избегне прекумерното влијание на технологијата кое го носи денешното време.

А ние возрасните, пак, иако немаме многу можности и отворени работни позиции во нашето село, најчесто прибегнуваме кон Гевгелија, а со распространетоста на интернетот и станувањето на светот како „глобално село“, сè помалку го чувствуваме тој дефицит на работни места.

zhiveam-vo-stojakovo-zoshto-izbiram-da-zhiveam-vo-selo-namesto-vo-grad-03_copy.jpg

Штрковите како заштитен знак на Стојаково

Доколку, пак, решите да го посетите Стојаково во пролет, тогаш освен жителите, топло добредојде ќе ви посакаат и штрковите – птиците преселници кои во последните неколку години решија сè повеќе и повеќе да доаѓаат овде, на своите стари гнезда, но и да создаваат нови, за своите потомци.

Низ отворените прозорци ќе го слушнете типичното штракање со клуновите на штрковите, а притоа, пиејќи го топлото кафе, ќе се потсетите колку мирот и опуштеноста се бесценети. Склопот на сите овие убавини нема да ве пушти да си заминете, само може да ве натера да посакате да поминете уште некој ден овде.

zhiveam-vo-stojakovo-zoshto-izbiram-da-zhiveam-vo-selo-namesto-vo-grad-02.jpg

Убавините на Кожуф недалеку од Стојаково

Зар има некој кој не слушал за убавините на Кожуф? Е, па, ние во Стојаково можеме да уживаме во погледот кон оваа богата планина, а за неполн час можеме и да ја допреме сета оваа природа.

Возејќи по асфалтирани патишта, од Стојаково до Кожуф има многу што да се види. Можеби во зимскиот период одамна не сме уживале во снежните покривки, но затоа, Кожуф ни нуди прекрасна зимска бајка.

Освен во зима, летниот период и викендите честопати ние, жителите на Стојаково, знаеме да ги поминеме на локалитетот Смрдлива Вода, кој се наоѓа на Кожув, и сето тоа не нè чини многу од семејниот буџет.

zhiveam-vo-stojakovo-zoshto-izbiram-da-zhiveam-vo-selo-namesto-vo-grad-05.jpg

За крај, несомнено е дека престојот на село ни го подобрува животот, ни дава подобро здравје, не само физичко, туку и ментално.

Иако многу работи се индивидуални и секој на различен начин ја бара својата среќа, сепак, Стојаково е место кое нема да ве изневери од многу аспекти.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. Ѓ | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...
Кога си го возам бебето во количка низ Скопје ми требаат „супер моќи“ Постојано се качувам и симнувам од тротоар поради паркирани автомобили, правам р...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg