Приказна за искреноста: „Зошто саксијата ти е празна?“
Што ако искреноста и чесноста се најважните работи на светот? Оваа поучна кинеска приказна ја раскажува филозофијата токму за овие човекови доблести.
Пред многу години во една земја живеел еден мудар крал. Поседувал сè на светот, но му недостигала најпосакуваната работа. Немал деца.
Еден ден си помислил: „Добро би било јас да го најдам најискреното дете во земјава и да го воспитувам!“.
Наредниот ден им наредил на сите деца во земјата: „Кој од ова семе ќе го израсне најубавото цвеќе ќе биде мој син или ќерка“.
Сите деца започнале да го одгледуваат семето кое кралот го раздал. Дури и младото момче кое живеело во мала дрвена колиба во шумата близу дворецот, се обидувало да израсне прекрасен цвет.
Поминале десет дена. Поминал и цел месец и пристигнал денот кога сите деца ширум земјата требало да дојдат во дворецот на кралот и да го прикажат цвеќето кое тие го одгледале. Сите момчиња и девојчиња брзале да пристигнат во дворецот и да ја имаат можноста да станат син или ќерка на кралот.
Кралот минувал од дете на дете и ги разгледувал цвеќињата, а младото момче плачело затоа што само тоа дошло со празна саксија.
„А каде ти е тебе цвеќето?“ – го прашал кралот.
Во плачење малечкото момче му објаснило дека со сè се обидел, но ништо не успевало да го натера семето да никне во цвеќе.
„Ова е мојот искрен син!“ – извикал кралот, го фатил детето под рака и го однел во својот дворец да го чува и воспитува како свој роден син.
Сите биле видно зачудени и го запрашале кралот како токму за него се одлучи.
„Затоа што на сите им дадов сварено семе. Од него никогаш не може да изникне цвет“ – објаснил кралот.