Раскинување според професијата

Стара, но добра шега. Затоа и си најде место кај евергрините на нашиот сајт. Како ја раскинуваат врската економист, психолог, филозоф, стоматолог, правник, информатичар, лингвист, книжевник, биолог? Потсетете се!

raskinuvanje-spored-profesijata-01.jpg

ЕКОНОМИСТ:

Драга Х,

Еве ти праќам една куса порака (не повеќе од 1,500 знаци цца) на твојата електронска сметка со цел да те известам за нашата фактичка состојба. Морам да ти пренесам дека мојата емотивна инвестиција во тебе се покажува како особено непрофитабилна.

Иако ти дадов голем кредит (и тоа на доверба, без никакви жиранти), сепак морам да кажам дека ти го потроши целиот и затоа јас сакам да ја сторнирам нашата заедничка сметка и да ја прекинеме соработката и размената на материјални и нематеријални добра.

Нашата страна, јас, очекував дека ти ќе се трансформираш во конкурентна и престижна девојка на нашиот шизички пазар, но ти остана каква што беше, презадолжена и заостаната во развојот.

Инаку, стварно ме нервира тоа што за трите квартали колку што бевме заедно, ти успеа да положис само 0.76521 просечно испити по испитна сесија, што и не е некакво достигнување со кое можеш да се пофалиш пред пошироката јавност. И јас заради сето ова ти препорачувам да си најдеш некој друг инвеститор, по можност странски.

 

ПСИХОЛОГ:

Кутра Х,

Мене ми е особено жал што морам оваа вест да ти ја пренесам вака индиректно и со тоа да го влошам твоето ментално здравје, но сепак ова е нешто со кое мораш да се соочиш, дури ако потоа е потребно да бараш и стручна помош. Со ова ќе ти се смири потсвеста, верувај ми.

За време на ова наше заедничко истражување на тема „психо-физиолошки аспекти на односите помеѓу половите“ јас многу научив, но сега мојата компетенција на полето на развојната психологија стагнира и време е да преминам во друга фаза.

Исто така, морам да ти признам дека откако разговарав со твоите пријатели и твоите родители конечно го решив твојот случај. Се работи за една веќе позната форма на инхибирана (долго време латентна) фрустрација од детството и раната младост.

Тоа што твоите родители не ти ја исполниле желбата и не ти дозволиле да го купиш албумот со сликички „Беверли хилс 90210“ кај тебе развило потреба за вештачко соживување со ликовите од оваа популарна ТВ серија и се артикулирало во нагони за допингување, шминкање и озборување.

Земено пак од бихевиористичка гледна точка твоето однесување кон мене секогаш беше импулсивно и дерационализирано. Ти никогаш не се ниту обиде да ја примениш методата „сладок лимон-кисело грозје“ врз нашиот психо-емотивен однос.

Сепак чувствувам сожалување кон твојата рано-адолесцентна фрустрација и неразрешен конфликт со авторитетот на родителите, но интензивниот развој на мојата личност не може да чека на тебе.

 

ФИЛОЗОФ:

Некогаш драга Х,

Се чувствувам философски горд во својата антропофилска намера да ја откачам својата досегашна љубов и својот ерос кон тебе и да ти кажам дека ние, ете така метафизички, не си одговараме. Трансцедентот наречен љубов помеѓу нас стана вистинска апстракција.

Лично, како субјект, не влегов телеолошки и утилитаристички во нашата врска, но за тебе тоа не би можел да го кажам. Уште од прапочетокот ти покажуваше неконтролираност врз твојот логос и психа. Од друга страна нашата љубов отсекогаш ја доживуваше како лична катарза, а исто така сакам да ти соопштам дека тоа што кај твоите пријателки си негирала дека не е точно дека не те сакам повеќе е чиста негација на негација, двојна негација и со тоа мораш да признаеш дека овој постулат ти е невалиден.

Покрај другото и затоа што нашиот да го наречам „нексус“ беше многу оказионален сметам дека за нас двајцата е вистински категорички императив да се упатиме кон различни трансцедентни духовни позиции во вселената, којашто впрочем се шири.

 

СТОМАТОЛОГ:

Респектирана Х,

Навистина морам да бидам „ортоцентричен“ и да ти соопштам дека нашата врска веќе неколку недели е мошне болна, неподнослива и дегутантна. Никако не можам да го преџвакам и проголтам она што го изусти пред некој ден за мене.

Покрај тоа секој наш бакнеж беше блиска средба со твојот кариес и тоа ме вадеше од такт, а кога ќе се случеше да ги почувствувам шуплините на твојата долна десна шестка и горна лева петка речиси да бев пред нервен напад. Исто така сто пати ти кажав да не ја наводенуваш четкичката пред да ги миеш забите и ти не ме послуша.

Меѓу другото колегите ми имаат кажано дека ти отсекогаш изгледаше протрузивно покрај мене како неприродна протеза. Затоа решив да те извадам и исфрлам од својот живот. Се надевам дека забот на времето ќе те поштеди од вакви болки во иднина.

П.С. Мислам дека за недела-две ќе ти се расипе и фронталниот заб на горната вилица. Погрижи се за тоа навреме. Подобро да се спречи отколку да се лечи. Впрочем тоа се однесува и за нашата врска.

 

ПРАВНИК

Почитувана г-ѓице Х,

Ви соопштувам дека со едногласна и правосилна одлука го раскинувам односот со вас т.е. го ставам ад акта и ви забранувам да ми се доближувате на растојание помало од 100 метри.

Морам со жалење да констатирам дека за време на полноважноста на нашата врска од ваша страна ми беа оневозможени неколку уставно загарантирани права и слободи.

Пред се тоа беше правото на говор, затоа што јас покрај вас госпоѓице никако не можев да дојдам до збор.

Покрај тоа уставното право на приватна сопственост ми беше крајно оневозможено, бидејќи вие ми одзедовте се што можевте. Од друга страна не правевте рамнотежа помеѓу правата и обврските со коишто се здобивте за време на полноважноста на нашата врска.

Правата ги усвоивте и зголемивте додека обврските ги отфрливте. Сума сумарум, ве известувам дека во врска со член 45, ставка 3, член 56, ставка 4 и член 156 од Кривичниот законик поднесувам тужба против вас, којашто пак ќе ви биде уредно доставена со поканата за судскиот процес. Ова мое обраќање ќе биде заведено во службените документи на истиот процес.

Со почит,
............

 

ИНФОРМАТИЧАР

Хелоу бејбе,

Морам да ти пишам дека решив да се откачам од тебе. Мислам, што друго и може да направи еден турбо-модерен тип во ваква врска што не ги задоволува неговите капацитети и сурферски потреби. Башка и плаќам премногу за неа.

Исто така бејби, не ме сапортираш тогаш кога е најпотребно, а откако се прикачив на тебе како мој емотивен провајдер чувствувам дека сум ментално фрагментиран речиси до критичен степен.

Покрај тоа дознав дека сите наши муабети им ги „даунлодираш“ на твоите пријателки и затоа имам чувство дека нашата врска е ставена на сајт кој сите го посетиле (ти да не имаш своја лична веб-страна, а јас да не знам за тоа?). Стварно сум незадоволен од врската со тебе и КВ во секунда што ги постигнувам.

Јас сум тип што има уште многу работи да просурфа низ животот а со ваква даун врска нема ништо да направам, заслужувам најмалку АДСЛ врска. Затоа ете решив да си најдам друга провајдерка.

П.С. Во атачмент ти ги праќам сите слики со тебе, може да ги задржиш оти јас веќе ги избришав од мојот хард диск, да не ми фаќаат непотребен простор.

 

ЛИНГВИСТ

Се одлучив на овој чекор од многу „екстралингвистички причини“ како и од неколку лингвистички причини. Пред се и над се твојата елоквентност или подобро кажано неелоквентност ме фрапира (глаголов овде е во аорист-минато свршено определено време, а не во презент).

Толку ограничен фонд на зборови не можам да го толерирам по никаков критериум, а од друга страна, ти, јазикот наместо како средство за комуникација го користиш како средство за расправање и тоа од вулгарен тип, а исто и за озборување и навредување.

Разбирам дека врз тебе интензивно дејствувале твоите пријатели со родниот дијалект и те расипале, но ти воопшто не се трудиш да се поправиш ниту јазично ниту социо-лингвистички. Конечно твојата употреба на толку србизми (пошто, зашто, чим, али и неупотребувањето на акцентски целости) надмина секоја мера.

Збогум!

П.С. Во продолжение ти го препраќам твоето писмо излекторирано според последниот правопис.

 

КНИЖЕВНИК

Најсакана Х-нушка,

Јас не знам како да ги споделам овие зборови на тага со тебе, како да ти укажам а да не те растревожам, како овој мој внатрешен плач и неизмерна болка што нашиот меден месец е пред крај на својот лет.

Љубовта твоја ја збогати љубовта моја, не само кон тебе туку кон целиот поубав пол. Лично морам тоа да го отсликам во животот на многу од нив, тоа секако му го должам на женскиот род, инаку тоа би било чин на крајна себичност од моја страна.

Не, не, ти не помислувај ниту на Пенелопа, ниту на Ана Каренина. Ти продолжи го својот живот мислејќи на мене, на нас, на она што го имавме заедно и така нашата љубов ќе остане вечна и нема да биде само уште еден од листовите кои ги развеал ветрот на времето, ветрот на немирот. Те сакам, збогум. Се уште те сонувам. Скроти ги солзите, твоето лице не ги заслужува нив.

 

БИОЛОГ

Мила Колумба ливиа (дива гулабице)

Мојата пермисивна анимална клетка сосема невино беше инфицирана од вирусот на твојата љубов. Привлечен од феромоните кои се излачуваа по позитивна фидбек врска, слепо верував дека зачнавме една мошне стерилна и деконтаминирана љубов.

Засеана на хранлив медиум, со обезбедени оптимални услови ја имавме можноста да наметнеме еден нов еволутивен правец во развојот на љубовта. Но, твојата стеновалентност не го дозволи тоа.

Во оној момент кога размислував на симбиотски основи да изградиме една биоценоза која требаше да биде препознатлива по својот диверзитет, ти толку каталитички дејствуваше, што ја наруши и измести хомеостазата надвор од критичните точки и предизвика филетичко изумирање на секој дотогаш заснован однос.

Со болка во Ахиловата пета, сепак успев да се адаптирам и на крај да сфатам дека моите ензими не беа доволни за да го изметаболираат твојот толку табиет карактер.

Извини, но сакам само да те потсетам, дека диференцијацијата, никогаш (и наспроти сите мутации) нема да дозволи мојот Y-хромозом да стане компатибилен и комплементарен на твоите два ХХ хромозоми.

Иако во моментов твојата асоцијативна секундарна мозочна област, предизвикува хиперфункција на твојот солзен апарат, не се секирај, лизозимот од солзите антимикробно ќе дејствува на целиот твој гнев.

П.С. Провери си го менструалниот циклус и нивото на естроген, зошто забележав дека Графовиот фоликул нешто подоцна ти созрева.

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg