Тука си, но те нема!
Колку што си ист, толку си непрепознатлив. Навидум со раце широко отворени за прегратка, но со душа заробена.
Се ослободи еднаш, пред многу години. Тогаш душата ти плачеше од сета насобрана болка, но срцето со радост го славеше крајот.
Мислеше од секоја пукнатина див цвет ќе ти никне. Мислеше секоја рана со убави спомени ќе ја зацелиш.
Сакаше...сакаше толку силно, да сме едно. Онака вистински, како двајца љубовници кои немо си шепотат за сеќавањата. Ги гледаат лузните и се гордеат за сè што преживеале, за она што го зачувале. Макар тоа и да е тишината. Доволна беше.
Сакаше да се бркаме кој попрво ќе се искачи на Водно, да ме видиш како страсно те барам, брзам да те најдам, да те видам, иако знам дека секогаш ме престигнуваш и во маглата исчезнуваш.
Знаев, но сакав да те стигнам. Зашто немаше поголемо задоволство од тоа кога на врвот со двете раширени раце можев да те гушнам. За тебе беше секоја моја насмевка. За тебе забрзано ми отчукуваше срцето. За тебе имав сила од врвот и до Матка да продолжам да те барам. Да те дофатам и во зениците да те зачувам.
Сакаше и да залутуваме низ малите улички, барајќи го вистинскиот пат, а наоѓавме толку погрешни. Но, знаевме дека таму сме најмногу свои. Таму можевме да бидеме и странци и љубовници. Се криевме и се наоѓавме. Секогаш откривавме нешто ново, а со векови старо.
Сакаше кога се возиме во автобус да уживаме во долгите колони со возила пред семафорите. Посебно навечер и кога врне. Прозорците ни беа сликарско платно, а светлата и капките, совршено разлеани бои.
Мислев те познавам. Но веќе не те препознавам.
Се губам, барајќи те. Сакам да ги следам знаците. Ги барам трагите. Тука си, но те нема. Те допирам и бегам. Болиш!
Сакам да ти помогнам и те молам да прозбориш. Би ти го дала сиот глас. Но и јас сум нема. Како срцето од стакло да ми е скршено и сите парчиња низ грлото проголтани.
Толку многу боли!
Те гледам некаде далеку. Те гледам, но не си ти. Ме гледаш со подадени раце, но успевам само уште врвовите на прстите да ти ги допрам.
Скаменет и студен стоиш. Чекам да изустиш збор. Само далечно ехо слушам. Ехо на воздишки, а зборови немаш. Ги проголта. Немаш ниту глас. Само тивка музика. Во неа те препознавам. Радост беше, но дали пак ќе бидеш?
Само пулсот на твоето срце отчукува. Тоа ми е најважно.
Тоа ми е надеж, дека уште си ти. Тоа ми е надеж дека од вистината и суштината нè дели една прашинка. Вистината е скриена под маска.
Се срамам да те погледнам в очи без да можам да те прегрнам. Запирам и повторно немо те гледам.
Те барам. Се барам. Наоѓам само заборавени остатоци, скриени места и сакам во нив да се стуткам и никогаш да не излезам.
Сакам да ме чуваш подобро од тоа што јас не знаев да те зачувам тебе. Сакам да ме сакаш иако не заслужувам.
Сакам да знаеш дека никого не сакам како тебе. До болка и беспомошност. Затоа ми треба да ме сакаш.
Не ме сакај мене, сакај ја мојата љубов за тебе. Таа е бесконечна и неизмерна. Сакај ја. Само таа ни останува.
Ти ја подарувам за уште 70 следни години. Ти ја подарувам за вечност! За тебе Скопје! Среќен 70-ти роденден!
Автор: В.М. | Црнобело