Приказна за шарените балони
На еден семинар водителот посакал да ги активира учесниците и се решил да започне една групна и невообичаена активност.
Секој учесник добил по еден балон.
Потоа, водителот ги замолил учесниците да го испишат своето име на балонот, со помош на маркер, а потоа да ги пуштат балоните во соседната просторија.
Откога сите учесници го направиле она што им било речено, добиле задача во најкраток рок да го пронајдат балонот со своето име.
Така настанала гужва, туркање, судирање и туркање меѓу учесниците. Настанал тотален хаос, а никој од учесниците не успеал да го пронајде балонот со своето име.
Во еден момент, водителот ја прекинал гужвата и ги замолил сите присутни да земат еден балон во рака и да го дадат на личноста чие име е испишано на балонот кој го земале.
За неколку минути секој го имал својот балон во раце.
Понекогаш забораваме на другите луѓе, на туѓите чувства. Наместо тоа брзаме да ги оствариме личните цели и сето тоа го правиме на себичен начин, не грижејќи се премногу за никого. Но, ако малку го оттргнеме вниманието од себе и помогнеме некому, тогаш сме си помогнале и себеси.