„Водици некогаш во Охрид - Со нетрпение чекавме да се фрли крстот во студеното езеро“
Традиционално за Водици, јас секоја година одев во Охрид каде што живееше мојата прабаба. Стара охриѓанка којашто ги знаеше сите тајни и скриени приказни на езерото. Мислам дека празникот Водици за градот Охрид е од посебно значење бидејќи денот со себе носи една голема традиција за која зборуваат сите.
Да си во Охрид за Водици е вистинско доживување и еден времеплов низ кој ќе можеш да ја почувствуваш македонската традицијата и обичаите кои ние како народ со години сме ги везеле на народната плетка од најразлични адети.
Се сеќавам дека ќе станевме некаде во зорите, пред изгрејсонцето, и заедно со мојата прабаба ќе се упативме во црква за да присуствуваме на првата утринска црковна служба.
Дворот на храмот беше толку полн од народ, што едвај ќе успеевме да се пробиеме во толпата и да заземе некое поубаво местенце.
Мојата прабаба беше доста традиционална и религиозна жена, која не сакаше да пропушти ниту еден обичај. Па така, секоја година, без разлика колку и да беше ладно, ние одевме во црквата на служба и да наполниме од водата којашто ќе ја осветеше владиката.
Сè уште го памтам звукот на камбаната кој беше толку силен што знаеше да се слушне низ целиот Охрид.
А, од таму право дома. Баба ми веќе ги ставила питулиците со сирење на огнот да се печат, бидејќи дел од охридската традиција за Водици е тоа што во секоја куќа се правеа потпечени питулици со сирење.
Крцкави и превкусни, премачкани со малку масленце одозгора, а сирењето во нив што веќе се растопило од силната печка ги правеше да бидат неодоливи.
Исто така, се пиеше и топла ракија, во чие приготвување, барем како што кажуваа тие што ја пиеја, мојот дедо беше најдобар.
Во секоја куќа тоа утро се пречекуваа гости, и се славеше радосната вест - „Бог се јави“.
Со посебна возбуда и нетрпение го очекувавме моментот кога требаше светиот крст да се фрла во водите на Охридското Езеро.
Стоејќи на пристаништето на езерото, гледаш како тоа му се спротивставува на студениот и лут јануарски ветер и зрачи со неговата смиреност и бистрина.
Толку многу народ на едно место, мислиш се снима сцена од некој култен филм.
А, капачите му пркосат на разбеснетиот ветер, стојат гордо пред сопствениот народ, не плашејќи се од замрзнатите охридски води.
Тоа за нив не беше никаква борба, ниту натпревар, во нивните очи се гледаше среќата што ја имаат можноста да го фатат светиот крст.
Водите на Охридското Езеро низ целиот град ја разнесуваа празничната песна „Во Јордание“ којашто ја пееја капачите - таа песна е посебна одлика за празникот Богојавление и за нашата традиција.
Иако не ги разбирав старословенските зборови на кои беше напишана таа песна, ја паметам мојата баба како секоја вечер имаше навика пред спиење да ми ја запее.
Обожавав да ја слушам како ја пее, а како што и таа ми кажуваше, навистина било срам да си од Охрид а да не ја знаеш да ја пееш оваа песна.
Ги паметам старите бабички, завиткани во најтоплите крзнени бунди, како се поткреваа на прсти за да видат кој го фатил крстот, кои чудесно уште пред време знаеја кој ќе биде фаќачот на крстот.
Тука беа и новинарите кои како вистински борци се бореа за ексклузивата која телевизија ќе го има првото интервју со фаќачот на крстот.
Владееше вистинска празнична магија, се чувствуваше радоста и сплотеноста. Сите се поздравуваа со поздравот „Бог се јави!“ - традиција која обележува еден народ, еден град и една земја.
И додека од секоја една уличка се слушаше песната на старите охридски чалгии, старите охридски чунови со буриња се подготвуваа да запловат во езерото и да наполнат од осветената вода.
Доколку би го прашале македонскиот народ тој би ви рекол: „Сакајте си го своето и за ништо не го давајте“.
Јас секоја година на овој ден гледам да сум во Охрид, иако мојата прабаба веќе подолг период не е помеѓу нас.
Сакам да се навратам на спомените од едно време и заедно со големиот број туристи од целиот свет да уживам во празничната магија којашто владее на овој ден во градот со уникатна традиција – Охрид.
Бог се јави! За многу години!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобело