Поздравете се со летото, есента ви носи посебна убавина
Можеби ви е тешко да прифатите, но летото ги одбројува своите последни денови. Но, не треба да тагувате и да живеете само во спомените на плажите и морето, туку треба да се подготвите за есента што следи.
Сепак, за да може полесно да се поздравите со летото и со радост да ја дочекате есента, потсетете се и на некои лоши страни кои ги има летото и кои едвај чекавте да поминат.
Иако ова лето беше прилично дождливо и влажно, сепак имаше денови кога едвај одевте по жешкиот асфалт, постојано се препотувавте, чекавте до доцна навечер за да можете на раат да ги отворите прозорците или да излезете на тераса и да почувствувате свежина.
Се сеќавате дека моравте да ги чекате вашите 10 дена годишен одмор на крајот на август додека во текот на цело лето ги гледавте летните фотографии од одморите на вашите пријатели, а вие седевте по 8 часа затворени во канцеларија или се туткавте во градскиот превоз.
Летно време постојано мора да држите диета бидејќи сте повеќе разголени или носите тесна облека, па секој грам плус ви се познава.
Признајте дека покрај многуте позитивни страни и летото си има свои маани.
Сега сте подготвени широко да ја прегрнете есента. Таа со сите свои мириси и бои е незаменлива со ниедно друго годишно време.
Есента е создадена за вистинска мода. Сите чевли, чизми, модерни џемпери, марами, шапки во топли бои кои ве освојуваат од излозите.
Има ли поубаво помината недела oд таа кога сте стуткани под топло ќебе додека пиете некој вкусен чај кој го шири мирисот во домот, а надвор гледате ситен дожд и листови што полека паѓаат?
Признајте дека уживате во прошетката низ паркот кога одите на работа или на училиште, факултет и гледате како се менуваат боите на природата или веќе ги насетувате крцкавите ливчиња под чекорите.
Тука се и романтичните ноќи со саканите под еден чадор додека се враќате од некоја театарска претстава која е дел од полните репертоари, што сигурно ви фалеа за време на летото.
Викендот не мора секогаш да биде само со забави во дискотеки, сега ви е пријатно да излезете и само на некое кафе и вкусен колач.
Есента носи нови обврски, нови почетоци, но и нови задоволства. Најдете начин да уживате во неа и да ја почувствувате со сите сетила.