Аладинова желба: Кога твојата половина, ќе биде моја целина!
Ја добив главната улога. Онаа за која со години се прашував како му е на глумецот. И пак не сум сигурна дали исто се чувствувал.
Не му било лесно, а мислев дека е мазохиста. Мора ли секогаш да го посакуваш тоа што го немаш и кога ќе го добиеш да го посакуваш обратното? Задоволен ли е некогаш човечкиот незаситен ум?
Велат да се радуваме на мали, ситни работи и да се задоволуваме со истите, но никој не кажал дали е дозволено тоа задоволување да биде само за момент?
Не е ограничено траењето на задоволството, па си дозволуваме да го злоупотребуваме.
Кога посакувам чај пијам чај и почнувам да посакувам кафе. Кога пијам кафе си помислувам, би сакала чај со мед.
Топам течно злато во миризлива вода што испарува, ме опива и помислувам на румот во шкафчето...само неколку капки или капачиња...и веќе знам дека после ова тревкасто задоволство ќе ми треба црно и добро печено кафе...и така секој ден. А деновите немаат крај, моите желби не знаат што е тоа.
Зар ќе има ден ако немам желба, за што и да е, па дури и за него? Дури и желба за желбата.
Онаа желба што ќе ме смири и ќе ми каже тоа е тоа, не посакувај друго, доволно ти е, повеќе, само би ти тежело. Имаш толку колку што можеш да си носиш во срцето и колку што можеш да внимаваш со очите и со умот. Уживај!
Таа е вистинската желба и таа едната желба за која би ја протрила Аладиновата ламба!
Тогаш ќе пиеме од една чаша чај и од еден филџан кафе...и доволно ќе ни е!
Кога само половина од желбата ќе ми биде доволна, тогаш ти ќе си мојата целина!
Автор: В.М. | Црнобело