Исповед: И јас сум убава
Ретко кога се чуствувам убаво, како многу девојки на светов. Си велам ни прва, ни последна. Живеам со комплекс на пониска вредност само поради „неколкуте“ колограми вишок. Ја губам самодовербата.
На плажа се покривам со пешкирот, носам шалчиња кои ме прикриваат, честопати се собирам како желка во оклоп, срамејќи се дека на некоја потесна маичка ми се познаваат стомачните мускули. Да, истиот тој стомак го вовлекувам од 4то одделение, кога имав само 11 години, а сега веќе имам 25. Цели 14 години, во обид да изгледам поубаво. Многу пати на интервју не го добивав работното место, зашто не се вклопував во изгледот „манекенка“, а одговарав на пропишаните услови.
Честопати, мојот надворешен изглед беше пресуден и за многу мои љубови да згаснат уште пред да им дадеме шанса да започнат. „Ти си убава, симпатична, добра...ама извини не ме привлекуваат полни девојки“. Последната моја врска заврши баш поради мојот надворешен изглед, заради моите килограми вишок, заради мојата борба со дијабетесот, заради сите успешни и помалку успешни диети, заради промените во расположението, заради се` она што ме прави јас да бидам јас. Добив услов: „Ако не ослабнеш наеднаш наредниве 3-4 месеци, јас без оглед на се` ќе те оставам!“. Не се сеќавам дали во себе или и на тебе ти реков: „Па што не ме оставиш сега?! Зашто да се мачиме толку долго, ако веќе сакаш да ме оставиш?!“. Муабет направен април+3-4 месеци = јуни, јули - време за одмори, плажи, купаќи. Две недели подоцна, крај!
Оди си, не си ме заслужил. Не знаеш да ме цениш како жена, како девојка, како човек. И не само ти, туку и многуте пред и по тебе, кои ми судеа за изгледот, наместо да погледат подалеку од носот.
Често пати слушам: „Треба да ослабнеш, за твое добро. Ајде стегни се малце од малце. Јади повеќе овошје, зеленчук, движи се.“ од пријатели, родители... Ви благодарам што мислите на мене, што се грижите за мене.
Најмногу ми значи подршката од сите вас. Преземав дејствија да си ја подобрам ситуацијата, но сепак ќе речам:
***
И јас сум убава. Мојот надворешен изглед не е одраз на мојата душа, не е одраз на моето знаење, не е одраз на мојата дарба, не е одраз моите успеси, не е одраз на она штого чуствувам и го носам длабоко во себе... Не суди ми по телото, тоа е само рамка на душата!
***
Жените секогаш се и секогаш ќе бидат убави, без разлика на сите траги кои ги црта животот и љубовта на нивното тело! Сакајте ја и ценете ја својата жена!
Бежовска Сања (повеќе може да прочитате овде)
Инспирирано од:
http://www.crnobelo.com/zabava/interesno/17525-vaka-navistina-izgleda-zenskoto-telo-po-poroduvanjeto