Татковите очи
Постоеше едно момче, слабичко со болникав изглед кое го сакаше фудбалот со сето свое срце. Не пропушташе ниту еден тренинг и се чинеше дека дава сè од себе да биде добар, но имајќи само половина од килограмите на другите момчиња во тимот едноставно се губеше. Скоро на сите натпревари тој седеше на клупата за резервни играчи и едвај понекогаш влегуваше во игра. Но, и тогаш кога ќе влезеше, играта за него беше мака и никако не се снаоѓаше на теренот.
Ова момче живееше само со татко му и тие двајцата имаа изградено навистина посебен однос еден кон друг. И покрај тоа што детето ретко се наоѓаше на теренот, таткото постојано беше во публика и навиваше. Не пропушташе ниту еден натпревар.
Младото момче сè уште беше најситен во групата иако одминаа неколку години. Неговиот татко продолжуваше да го бодри, но исто така му кажуваше дека не мора да игра ако тоа не го прави среќен.
Но, момчето толку многу сакаше фудбал, што одлучи трпеливо да тренира, да се труди и да се надева дека еден ден ќе заигра за сениорската екипа. И понатаму не пропушташе ни еден тренинг, но и понатаму остануваше на клупата за резерви, а годините минуваа.
Неговиот татко постојано беше во публика со најубавите зборови за охрабрување.
Дојде ден кога тренерот реши да исклучи неколку играчи од својот тим. Сите мислеа дека момчето ќе биде еден од првите кои ќе го напушти тимот, но тренерот одлучи да го задржи. Тој призна дека го остава во тимот само заради неговата посветеност и дисциплина, која скоро никој од другите ја немаше. Тренерот знаеше дека тој го остава своето срце и душа на секој тренинг.
Момчето се израдува и појде да му ја соопшти радосната вест на својот татко, а тој уште истиот ден купи сезонски тикет за сите претстојни натпревари.
Поминаа цела сезона, се одиграа многу натпревари кои за жал, момчето и понатаму ги следеше од клупата, а неговиот татко го бодреше од публиката.
Еден ден, токму пред финалниот натпревар, тренерот го сретна момчето во училишниот двор. Тоа држеше телеграма во рацете, а очите му беа полни солзи.
„Денес почина татко ми. Ќе може ли да отсуствувам на следниот тренинг?“ – запраша момчето.
Тренерот ја стави раката околу неговото рамо и му рече: „Оди синко и немаш обврска да се појавиш на финалниот натпревар.“
Пристигна и сабота, а играта не се одвиваше баш најдобро. Некаде на средината на второто полувреме, се појави слабичкото момче во соблекувалната и тивко ја остави својата опрема. Потоа се стрча на теренот и застана до својот тренер.
„Господине може ли да влезам во игра? Ве молам, ве преколнувам... морам тоа да го сторам денес!“ – очајнички молеше.
Иако тоа се чинеше лудо, најлошиот играч да влезе во игра на крај на финалниот натпревар, сепак тренерот овој пат немаше срце да го одбие и најпосле рече: „Во ред, можеш да влезеш.“
И пред било кој да биде свесен, младото момче царуваше на теренот. Никој не можеше да си поверува на очите кога малиот незнајко кој едвај го познаваа, правеше сè како што треба. Трчаше, ги поминуваше противниците, блокираше и додаваше како ѕвезда. Противниците не можеа да го запрат. Наскоро резултатот беше изедначен, а во последните минути од играта тој успеа со топка да го претрча скоро целиот терен и да постигне гол. Победнички гол!
Неговите соиграчи го кренаа на рамената и го фрлаа во воздух. Публиката го скандираше неговото име. На радоста и немаше крај. После неколку часови кога сè стивна, тренерот го забележа момчето како тивко седи сам во еден агол од соблекувалната. Се доближи и му рече: „Синко, јас не можам да поверувам во она што го видов. Кажи ми што се случи? Како го направи тоа?“
Момчето го погледна тренерот, а солзи почнаа да се тркалаат по неговото лице.
„Вие знаете дека мојот татко почина и знаете дека тој постојано доаѓаше да ме следи на натпреварите, но знаете ли дека тој беше слеп?“ Тешко подголтна и со насмевка рече: „Денеска не можеше да дојде, но верувам дека таму горе Бог му подари вид и дека токму денес можеше да ме види, а јас сакав да му покажам дека сум добар онолку колку што тој веруваше додека доаѓаше.“
Исто како таткото на спортистот, Бог секогаш навива за нас. Тој секогаш нè потсетува дека треба да продолжиме понатаму. Тој ни го дава она што ни треба, а не она што го сакаме. Бог не пропушта ниедна игра од нашиот живот и тогаш кога ни се чини дека не заборавил на клупата за резерви. Тој е оној кој ги наплаќа долговите кај оние кои ни згрешиле. Тој е оној кој не прати во играта наречена „живот“ и тогаш кога не го гледаме.
Продолжете понатаму, играјте за него!!!