Нашата скопска реалност...
Велат дека најголемите поети и писатели своите ремек-дела ги создавале додека биле под дејство на разни наркотици т.н. опиуми во тоа време. Јас лично мислам дека во денешно време воопшто не ти е ни потребно било каква дрога за да добиеш инспирација да напишеш нешто навистина квалитетно и со препознатлива вредност. Треба само да имаш малку поширок поглед околу себе.
Сврти се само ЕДНАШ за 360˚, но не само со телото, дозволи твојата психа да ги почувствува овие гадни скопски вибрации и веднаш можеш да ја најдеш својата инспирација. Така делува врз мене целава развратност која го преполнува моето Скопје. Ми делува како опиум и можам да пишувам со часови.
Повеќе не знам во што да верувам. Велат: „Градот ги прави луѓето кои живеат во него", но толку сум разочарана од луѓето што не сакам ни да верувам во тоа. Не знам колку ќе се согласите со мене, но би рекла дека: - „Луѓето се тие кои го прават градот во кој живеат".
Го сакам Скопје...навистина! Но, сè повеќе и повеќе ми се гади од луѓето кои го уништуваат!!! Сепак зависи кој како гледа на работите, на едни им е убаво, на други не... додека на некои им е СЕЕДНО! И мене ми беше до пред некое време...велев:
„Јас си живеам за себе и за оние кои мене ми значат, што имам јас да гледам за другите!".
Но, не било така, тие одвратни луѓе, тие продадени души го стеснуваат кругот на мојата енергија и крадат од неа! Сепак отворено и гласно им се спротиставувам и не ми е важно кој како го доживува тоа сè додека тоа го правам за да се заштитам од нивните изопачени мисли и влијанија.
Скопје е мало, но има место за сите дилери, наркоси, „манекенки“, „спортисти“, к*рви и какви сè не „фаци“ во градов. Чудно?! Епа НЕ! Ослободете го малку својот љубопитен дух и прошетајте низ нашиве улици, но немојте да бидете изненадени ако во некој парк забележите празни шишиња алкохол, ако во некој влез, во некој агол видите фрлен кондом или ако во некој тоалет случајно додека ги миете рацете, погледот ви го привлечат две-три ситни траги од бело.
Дали вашата љубопитност тука ќе биде задоволена?! Ако одговорот на ова прашање е потврден, тогаш вие сте уште еден човек поради кој ќе продолжам да го сакам Скопје...
Имало к*рви, па ќе има се додека има кој да им плаќа... Имало дилери... токму поради истата причина! Но, не е тоа тоа поради кое ми се гади, причината поради која ми е згадено од целава фама е тоа што таквите луѓе се горди со тоа што се и сè побрзо испливуваат на површината, се искачуваат на врвот меѓу нас без да знаат дека всушност...стојат во... ВОЗДУХ.
Текстот ни го испрати Мартина Аврамовиќ.