Отидов во скопска болница на закажан термин за преглед на дете, од пред 1 месец - Немаше доктор, отишла на породилно
„Ортопедија? Имате закажан термин? Па, ние немаме доктор ортопед. Докторката отиде на породилно поради патолошка бременост, нема замена. Леле, многу луѓе како вас вака дојдоа и се вратија – зошто никој не ве известил?“, ми вели едно медицинско лице од скопската болница, за каде чекав термин цел месец. И јас и сопругот излеговме од работа и возевме километри и километри среде гужвата со детето, за што? За ништо! И не, не е до докторите, до системот е - државното здравство не функционира...
Детето требаше да го носам на редовен преглед на ортопед, па одлучив кога веќе плаќам задолжително државно здравство, тогаш да го искористам, па преку матичниот лекар закажав термин во една скопска болница.
Терминот беше за после неколку седмици или 1 месец, но секако не ми се брзаше. Го земав упатот, си ставив потсетник и тоа е тоа, кога ќе дојде времето ќе одиме.
И постојано си велев не смеам да го заборавам, не е културно да пропуштам термин и да земам нечие место, па си ставив дури и втор потсетник.
И така дојде денот. Имаше термини на располагање само прва смена, кога со сопругот двајцата сме на работа, па двајцата излеговме од работното место поради прегледот.
Бабата дома ни го припреми детето, со темпирање на дремката и сето останато – родителите на мали дечиња знаат како оди тоа, па го земавме и возевме километри и километри, среде гужва, до другиот крај на градот.
Стигнавме, сопругот ја качува количката по скалите, а јас гледам едно медицинско лице надвор пред болницата и го прашувам: „Се извинувам каде е ортопедија, за редовен преглед на детенце станува збор...“
А таа ми вели:
„Ортопедија? Имате закажан термин? Па, ние немаме доктор ортопед. Докторката отиде на породилно поради патолошка бременост, нема замена.
Леле, многу луѓе како вас вака дојдоа и се вратија – зошто никој не ве известил? Но, ако сакате проверете“, ми вели на крај.
Си велам: „Ајде да проверам“... Го наоѓам кабинетот, а таму со големи букви стои дека нема доктор ортопед.
Во ред, нема, но зошто никој не ме извести за ова?
Зошто не добив некаква порака дека терминот ми е откажан? Зошто со сопругот изгубивме неколку часа од работното време, а детето го малтретиравме бесцелно?
Кој ќе ни надомести за изгубените работни часови?
Па, ова во нормална држава треба да биде санкционирано.
Како може системот до толку да не ни функционира? Како да се потпреме на здравството, ние ретките кои сè уште веруваме во државното здравство?
И не е до докторите – докторката си отишла на породилно најнормално, до системот е. Зошто електронски тоа не е средено, па ние уредно да добиеме порака дека терминот ни е откажан, како што се случува да добиеме порака со потсетување дека имаме закажан термин во претстојните денови?
Замислете чекаме еден месец, постојано со мисла на ум – сепак и редовен преглед да е, кога одите на доктор не ви е сеедно, а таму затворена врата?
Последици никакви, решение нема.
Сега, што да направиме? Да чекаме одново месец/два за термин кај друг ортопед или пак да си платиме уште еден скап преглед на приватно, иако најуредно плаќаме државно здравство години наназад.
Полека почнав да ги сфаќам оние кои комплетно се пренасочија кон приватните здравствени установи.
Но, тоа не е решение! Имаме државно здравство, имаме одлични доктори, сега само ни треба некој тоа да го организира за да функционира.
Потребно ни е! Од него животот ни зависи...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com
Би можело да ве интересира:





