Полесни ми беа домашните како дете, отколку како родител – Ги разгалуваме ли несвесно децата?

На Фејсбук деновиве се вртеше едно меме во кое верувам дека се пронајдоа голем број родители: „Полесни ми беа домашните кога бев ученик, отколку сега кога сум родител“. Зошто целосно се согласувам со ова тврдење?

polesni-mi-bea-domashnite-kako-dete-otkolku-kako-roditel-gi-razgaluvame-li-nesvesno-decata-01.jpg

Го видов мемето на Фејсбук, коешто гласеше: „Полесни ми беа домашните кога бев ученик, отколку сега кога сум родител“, па прво онака си се насмевнав во себе, а потоа и се подзамислив.

Навистина им завидувам на оние родители што велат дека немаат проблеми и дека нивните деца самостојно ги пишуваат домашните, но, за жал, јас немав таква среќа.

Не дека детето ми е лош ученик, едноставно сака да бидам до него секогаш кога треба да се пишува домашна, а тоа трае и трае…

Во минатото деновите од викендот ги очекував со нетрпение затоа што тоа значеше дека ќе имаме два дена да поминеме во прошетки и време поминато со децата, но откако поголемата ќерка тргна во училиште, сè се промени.

polesni-mi-bea-domashnite-kako-dete-otkolku-kako-roditel-gi-razgaluvame-li-nesvesno-decata-02.jpg

Иако се обидувам на секој начин да ја научам дека домашните треба да ги пишува сама, таа очекува дека јас треба да стојам до неа и да ја надгледувам, па, ако се може, и да ѝ ја напишам домашната.

Си доаѓам од работа и седнуваме да разговараме: „Како помина во училиште?“, „Што се случуваше?“, „Си играше ли со некого?“, за на крај да го поставам прашањето: „Дали имаш нешто за домашна?“ и секако, да го добијам одговорот: „Не, немам…“

Веќе знам дека ме лаже, затоа што ја подгризнува несвесно усната и ме гледа во очи, надевајќи се дека нема да биде фатена.

Потоа стига списокот со домашни на Viber и светот ми се руши. Зошто!?

polesni-mi-bea-domashnite-kako-dete-otkolku-kako-roditel-gi-razgaluvame-li-nesvesno-decata-04.jpg

Па знам дека апсолутно еден ден ќе се помине во решавање задачи од типот, колку е 15-7, или 25-5, во учење на песничката што треба да се научи на памет, а која јас сум ја запомнила со пет читања.

Ден во којшто таа го тестира моето трпение…

Ако се тргнам на секунда од неа, ќе прави буквално сè друго, но нема да пишува.

Сè е позабавно од обврските – сечкање хартија со ножички, гледање напразно во прозорецот, криење под маса…

Ако таа ги мрази домашните, јас како родител ги мразам тројно повеќе…

„Мама, ме боли рачето од пишување! Се изморив…

Зошто морам да пишувам? А зошто морам ова да го учам?“ – ова се класични реченици што ги слушам секој викенд и кои ме тестираат како родител.

Од една страна ја сожалувам и сакам да ѝ попуштам, а од друга знам дека ако го направам тоа, во иднина постојано ќе наоѓа изговори.

polesni-mi-bea-domashnite-kako-dete-otkolku-kako-roditel-gi-razgaluvame-li-nesvesno-decata-05.jpg

Да се разбереме, не се сложувам со тврдењето дека децата денес имаат многу домашно – напротив, верувам дека наставниците веќе знаат кој колку може да сработи во 45 минути и никогаш не им даваат повеќе од возможното – туку сме си ги научиле децата да бидат зависни од нас.

Во времето кога јас бев ученик, секој од нас имаше по едно тефтерче во кое наставничката оставаше пораки за родителот, коишто се важни, а се поврзани за процесот на образование.

Поврзани околу плаќањето за храна, за систематски прегледи, за плаќањето за списанија.

Не, не запишувавме што имаме за домашно во него, туку помневме.

polesni-mi-bea-domashnite-kako-dete-otkolku-kako-roditel-gi-razgaluvame-li-nesvesno-decata-06.jpg

Моите родители во училиште доаѓаа од родителска на родителска средба, на часови одев сама од прво одделение, а за домашната ќе ме прашаа дома и очекуваа сама да седнам да си ја напишам.

Не, мајка ми не ми седеше над глава, ниту пак доаѓаше во училиште за да се жали дека домашните се обемни.

А, ако не си ја напишал домашната си го обрал бостанот – ќе си добиеш казна за следната недела да пишуваш дупло и ќе се црвенееш пред целото одделение кога ќе те прашаат: „Зошто немаш домашна?“

Од прво одделение нè учеа да бидеме одговорни и сами да си ги помниме обврските.

polesni-mi-bea-domashnite-kako-dete-otkolku-kako-roditel-gi-razgaluvame-li-nesvesno-decata-07.jpg

Денес, никој од нас не очекува дека децата сами треба да знаат што имаат за домашна.

Имаме електронски дневници, имаме Viber групи, постојано сме во комуникација со наставниците, самите прашуваме ако не сме ја добиле пораката во петок и трошиме време на пишувањето домашни.

Самите деца се свесни дека не мора да запомнат ништо, ниту пак да кажат нешто дома – затоа што додека тие да стигнат дома, ние веќе сме информирани за сè.

Наместо да го научиме детето дека треба да нè праша нешто ако не му е јасно и само да си ја заврши работата, го учиме да стане зависно од нас, па во повисоките одделенија поминуваме по цели ноќи во изработка на проекти и учење.

Искрено, се сложувам со мемето: Полесно ми беше пишувањето домашни кога бев дете, отколку сега како родител.

polesni-mi-bea-domashnite-kako-dete-otkolku-kako-roditel-gi-razgaluvame-li-nesvesno-decata-08.jpg

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com

Би можело да ве интересира:

Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Мамо, заработи ли во странство доволно пари за да ми купиш ново детство?“ – трогателно писмо кое ќе... „На мои 4 години со тато отидовте во странство за да заработите за мојата иднина...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg