Македонската естрада се разбуди од „зимски сон“ - браво, ме вративте во најубавите времиња на нашата музика

Времето на хибернација заврши, а македонската естрада како да се разбуди од „зимскиот сон“ во кој беше неколку години и во последниве месец-два направија не песни - туку хитови!

bravo-makedonskata-estrada-se-razbudi-kako-da-se-vrativ-vo-najubavite-vreminja-na-nashata-muzika-01.jpg

Скоро 30 години работам како (естраден) новинар и ги „фатив“ оние преубави времиња кога македонската музика ги создаде најубавите песни, но и кога секој ден бев поканета на промоција на спот, албум, нова песна...

Некогаш имаше и по два-три настани во денот, па се сеќавам, со колегите трчавме од една на друга локација за да стигнеме секаде, да ги испочитуваме музичарите и да слушнеме што направиле.

Тоа беше она време кога во секоја песна го имаше зборот „бејбе“ (сè уште не можам да го „сварам“), кога музиката беше весела, кога маалски пријатели се собираа и правеа група (иако некои беа со сомнителни пејачки способности, ама нејсе, беше забавно), кога музичарите се дружеа меѓу себе, кога имаше фестивали и постоеја неколку големи продукции кои стоеја зад пејачите и се грижеа за нивните кариери.

bravo-makedonskata-estrada-se-razbudi-kako-da-se-vrativ-vo-najubavite-vreminja-na-nashata-muzika-06.jpg

И некако, одеднаш, тоа време како да „умре“. Престанаа да се снимаат албуми, спотови... пејачите создаваа музика, ама ќе ја снимеа песната и ќе ја оставеа во „фиока“ зашто „сега не е вистинско време за нова песна, летаргија е, никој ништо не прави“.

Оние малку музички ентузијасти, се фокусираа на нешто друго, не само на пеењето.

И така со години (можеби и цела деценија) кога се промовираа десетина песни во годината, па можеби една од нив ќе се погоди да е хит, да продолжи да се слуша.

Никој не сакаше да пее на фестивалите, музички емисии има(ше) сè помалку (или веќе нема ниедна), радијата немаа што да пуштат.

bravo-makedonskata-estrada-se-razbudi-kako-da-se-vrativ-vo-najubavite-vreminja-na-nashata-muzika-03.jpg

Со колегите, кои се долго на естрадата, често со носталгија знаеме да се сетиме на крајот на 1990-те, почетокот на 2000-те, на моментите поврзани со Тоше, Ламбе, Ерзана, Искра Трпева, Нови дечки, Магија, Маја Панчева, Ин, Врчак, Елена Ристеска, Александра Пилева, Мартин Вучиќ, Тања Царовска... на Принц, поп песните на Каролина, на Даскал, Верица Пандиловска...

Последниве месец-два носталгијата се претвори во сегашност. Македонската поп музика како да доживеа ренесанса. Секој ден нова песна, најава за некаква соработка, рефрен што едвај чекаме да го слушнеме.

Во време кога Јутјуб е мерило за слушаност и популарност, по којзнае колку време неколку наши песни беа во „трендинг во Македонија“. Македонски песни од македонски автори, а не песни и музичари од странство.

Музичката сцена се разбуди, живна... постои конкуренција, нови спотови, нови песни... не само песни, туку хитови.

bravo-makedonskata-estrada-se-razbudi-kako-da-se-vrativ-vo-najubavite-vreminja-na-nashata-muzika-07.jpg

Некои од нив си го најдоа патот до публиката уште кога се испеаја на „Макфест“, па од фестивалот се издвоија барем 7-8 песни што ќе останат да се слушаат: „Жена“ од Антониа Гиговска, „Пијана“ од Дани Димитровска, „Ме боли за сè“ - Елена Ристеска, „Дали можам“ - Павле Камилоски, „Бура“ од Димитар Андоновски.

Па и Дарио се врати со „Засекогаш млад“, „Себично“ е новата балада од Ивона Јо, а супер дует направија и Теа и Таско, кои ја испеаја „Сатурн“.

И додека уште беше „жешка“ атмосферата од фестивалот, уште неколку песни се „измешаа“ во овој микс - „Ептен љубовна“ на Игор Џамбазов и Сара Мејс, Лозано со „Жолто-црвено“, Антониа направи дует со 2Бона за „Нема кој“, Мартија Станојковиќ пак, објави спот за „Феномен“, а Тамара Тодевска промовираше песна со ретро звук во соработка со Коста Каџикојчев - „Никој како ти“.

Но, вистински феномен е песната на Слаткар и Некст тајм, „Океани“, која за две недели има околу 720.000 прегледи и со голема брзина се приближува кон милион прегледи.

Па како да не се радувам? Како да не се радуваме сите? Како да не слушаме македонски радио станици на кои пуштаат нова и добра македонска музика?

Како да не ги поддржиме нашите артисти, кои во само еден месец направија вистинска револуција? Се разбудија од зимскиот сон, престанаа да ги оставаат песните за „некои подобри времиња“, зашто тие подобри времиња се сега... денес.

bravo-makedonskata-estrada-se-razbudi-kako-da-se-vrativ-vo-najubavite-vreminja-na-nashata-muzika-05.jpg

Браво дечки... ни ја вративте вербата со македонската музика, желбата за слушање наши песни, добри песни.

Ја вративте публиката на фестивалите. И да не ги заборавам концертите - Слаткар со турнеја низ Македонија пред преполни сали, Калиопи која издоминира во арената „Борис Трајковски“ и направи концерт за кој ќе се раскажува уште долго, „Меморија“ која прослави 40 години постоење со спектакуларен концерт, но и најавата дека Слаткар и Тони Зен ќе ги спојат силите во април и ќе одржат заеднички концерт!

bravo-makedonskata-estrada-se-razbudi-kako-da-se-vrativ-vo-najubavite-vreminja-na-nashata-muzika-02.jpg

Па може ли да е подобро?

Всушност, може - „Нокаут“ од вчера има нова песна, а и Пајак најави дека направил дует со Елвир Мекиќ. Се сеќавате на Елвир Мекиќ? Јас да! И со душа чекам да ја слушнам песната.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Пејачот Даниел Данн за CRNOBELO лексикон: „Еден ден би сакал да имам ранч со животни“ „Првата симпатија ми беше уште од училишните клупи и се немаме видено многу одам...
Марко Марк за CRNOBELO лексикон: „Сакав да бидам пилот кога ќе пораснам“ „Се збогував и со двајцата крзнени другари пред една година - мојот непрежален з...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg