Спектакуларен концерт на „Меморија“ - Го оставија срцето на сцена, покажаа зошто траат 40 години
- Детали
- недела, 17 ноември 2024
Има посебна убавина да се биде во преполна сала на концерт на македонска група. Група која 40 години пее со срце за Македонија.
Вчеравечер (16.11) „Меморија’’ и нивните гости синоќа одржаа концерт кој не смееше да се пропушти - пееја во еден глас со публиката до после полноќ.
Емоции, позитивна енергија, насмеани лица и на сцената и во публиката. Но, и по некоја солза.
Беше навистина убаво да се види како публика од сите генерации, буквално од 7 до 77, од срце ги пее сите најголеми евергрин хитови: „Оган под ѕвездите“, „Дирлада“, „Нена“, „Македонија“, но и преработките на стари македонски песни - „Заветна“, „Едно име имаме“…
Поце ја остави душата на сцената, пееше и звучеше исто како пред години.
Но, кога ја испеа песната „За тебе“, посветена на починатата сопруга, не можеше да ги задржи солзите.
Ништо помалку спектакуларен не беше ни Ристо Самарџиев, кој со својот специфичен глас ја разнежи публиката.
Среќните лица во публиката беа вистински доказ дека хитовите на „Меморија“ се евергрин.
Илјадници луѓе како еден ги пееја песните и од почетоците на постоењето на бендот, но и најновите песни што „Меморија“ ги промовираа изминатата година.
Позитивната енергија што зрачеше од сцената лесно се пренесе и низ салата, па публиката не го криеше воодушевувањето што се таму, во арената „Борис Трајковски“ и што делат парче музичка историја со бендот.
Треба да сме горди што имаме ваква група која опстојува и пее со срце за нашата публика.
Одличниот избор на гости - Андријана Јаневска, Ареа, Дани, Сара Мејс само ја одржаа атмосферата на ниво, па публиката на крајот заслужено ги врати момците на бис.
„Рокенролот е жив” ќе каже Перо Камиказа - и навистина, ова се докажа со публика од цела Македонија.
Вчеравечер, на концертот во Скопје, „Меморија“ покажа зошто е бенд кој трае цели 40 години, а нивната музика ќе продолжат да ја слушаат уште многу генерации...
Повеќе фотографии и видеа од концертот на „Меморија“:
Е. П. | Црнобело