Секој ден ми е нова борба на улиците на Скопје - Како ги преживувам нервозите во сообраќајните гужви?
Да се биде возач во Скопје е вистински предизвик. Ви требаат нерви од оние најдебелите и многу, ама стварно многу трпение. За среќа (дури и да не ми верувате), најдов начин да не се нервирам.
Пред секое излегување од дома, наутро кога одам накај работа или попладне кога се враќам, прво земам длабок здив, па почнувам сама на себе да си повторувам: „Не се нервирај, не се нервирај, не се нервирај“.
Дури потоа ги земам клучевите, седнувам во автомобилот и тргнувам по познатата рута.
Додуша, рутата си ја знам, ама никогаш не знам што може да ме дочека - празни улици или километарска колона поради кола не можам од мојата мала, споредна уличка во Кисела Вода, да се вклучам на главната, која ја поврзува населбата со центарот на Скопје.
Доволно е да тргнам една минута подоцна, само да се подвратам дома зашто нешто сум заборавила, или да не можам да си ги најдам клучевите (сите сме поминале низ ова) и на улица да ме пречека „потоп“.
За среќа, секогаш има по некој пристоен возач кој ќе подзастане да ме пропушти, ама после почнува она: прва, прва, прва, океј, стави во втора, кочи... прва... кочи... прва... кочи... чекај... стој во место... аха, еве се движиме, ама само по некој сантиметар.
Истото се случува и кога ќе стигнам во центарот на градот.
Автомобили од една лента се префрлаат во друга, никој не ја фаќа од прва лентата што му треба, за да не чека во „километарски ред“, туку пробува да извози што е можно понапред (до првите семафори или раскрсница) и без жмигавец, „на кварно“ да се префрли во лентата што му треба.
Па луѓе почнуваат да свират и од лево и од десно, ама не да свирнат во знак на протест, туку да „легнат“ на свирката како да нема утре.
Почнувам да се нервирам, ама ми текнува на утринската мантра.
А и што ќе постигнам со нервози? Ќе стигнам побрзо?
Тие што безобразно се престроиле пред мене (зашто немам проблем да пропуштам кола ако има вклучен трепкач) ќе се извинат што ми го пресекле патот? Секако дека не.
Епа, пред некое време си најдов лек за скопските гужви. Си направив плејлиста на Спотифај со песни за шизење, знаете оние што те креваат кога си нерасположен.
Пуштам глас до даска (добро, така е зборот) и почнувам да пеам на цел глас и да си мрдам со рацете и главата, понесена од моментот... дури и во 7 сабајле, кога има луѓе на кои не им се зборува, кои се намрштени и го мразат цел свет (зашто не го испиле првото кафе, на пример).
Истото се случува и во 4 попладне.
Не ги забележувам колите околу мене, нервозните шофери, гласните свирки, намрштените ликови и пцовките (а ги има многу).
Во скопскиот хаос се „лечам“ со гласна музика и позитивни песни.
Пробајте, ќе видите, денот ќе ви е многу посмирен и поубав.
П.С. Тоа што еднаш ме застана полиција мислејќи дека сум пијана зашто „ѕенѕам“ во кола додека чекам на семафори, а не весела, е приказна за другпат (а заврши со 0.0 на алкотестот).
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
А. Ј. | Црнобело