Поучна приказна - Водоносецот и неговиот сад
Во едно мало село еднаш си бил еден човек што работел како водоносец. Во тоа време водата не доаѓала од чешми, туку од длабоки бунари или реки.
Ако во близина на селото немало ископан бунар оној што не сакал сам да оди по вода, морал да купува од водоносците, кои во големи садови ја носеле драгоцената течност во селото.
Едно утро на водоносецот му напукнал еден сад и по патот почнало од него да протекува водата. Кога дошол во селото, купувачите му ги платиле вообичаените десет парички за десниот сад, но само пет за левиот, бидејќи тој бил полн само до половина. За водоносецот било прескапо да купи нов сад.
Решил да ја забрза работата за да ги надомести изгубените пари. Две години човекот одел и доаѓал со цврст чекор, носејќи вода во селото и земајќи 15 парички како плата за еден и пол сад со вода.
Една ноќ го разбудило едно „пссст“ во неговата соба
„Пссст... Псссст...“
„Кој е тоа?“ , прашал човекот.
„Јас сум“ , се слушнал глас од напукнатиот сад.
„Зошто ме будиш во ова време?“
„Претпоставувам дека стравот би те спречил да ме сослушаш, ако ти се обратам среде бел ден. Мораш да ме послушаш.“
„Што сакаш?“
„Сакам да те замолам да ми простиш. Јас не сум виновен за пукнатината од која тече вода, но знам колку мака тоа ти зададе. Секој ден кога уморен доаѓаш во селото и за количеството вода во мене добиваш половина од она што го добиваш за количеството во мојот брат, ми доаѓа да се расплачам. Знам дека можеше да ме замениш, но ти, сепак, ме задржа. Сакам да ти се заблагодарам и уште еднаш да те замолам да ми простиш“.
„Смешно е што ти мене ме молиш да ти простам“ , рекол водоносецот. „Утре, рано наутро јас и ти ќе излеземе. Сакам нешто да ти покажам.“
Водоносецот продолжил да спие до зора. Кога сонцето се појавило на хоризонтот, го зел напукнатиот сад и отишол до реката.
„Гледај“, му рекол, стигнувајќи таму и покажувајќи му го градот. „Што гледаш?“
„Град“, рекол садот.
„Што уште?“ , прашал човекот.
„Не знам...Пат“ , одговорил садот.
„Точно. Погледни ги двете страни на патот. Што гледаш?“
„Гледам сува земја и камења од десната страна на патот и стотици цветови од левата страна“, рекол садот, не сфаќајќи што сака господарот да му покаже.
„Многу години поминував по ова тажно и пусто патче, носејќи вода до селото и примајќи исто толку количество пари за двата сада... Но, еден ден видов дека напукна и дека пропушташ вода. Не можев да те заменам, па решив вака: купив семки од разнобојно цвеќе и ги фрлив на двете страни од патот. Со секое мое поминување по патот, водата што ти ја пропушташе ја залеваше левата страна од патот, и во овие две години, успеа да направиш разлика“.
Водоносецот направил пауза и милувајќи го својот верен сад, рекол: „А ти мене ми се извинуваш! Што се неколку парички, ако, благодарение на тебе и на твојата пукнатина, овие бои ми го развеселуваат патот. Јас треба тебе да ти се заблагодарам за твојот недостиг“.
Оваа приказна е извадок од „Да се сака со отворени очи“ од Хорхе Букај.