Реални искуства со лоши наставници поради кои го отсакавме училиштето
„Ќерка ми во осмо одделение доби четворка по физика, иако беше одлична по сите други предмети, а одеше и на натпревари по истиот предмет. Наставничката не сакаше да ѝ ја поправи оценката и кога ја прашав зошто не сака, ми рече: ‘Златото треба да сјае, а вашата ќерка не сјае како злато’,“.
Основното и средното училиште треба да се места каде што ќе се чувствуваме убаво, ќе го минуваме времето во хармонија, ќе стекнеме знаење и искуства кои ќе нè водат во животот.
Во голема мера ваквата идеална средина треба да ни ја овозможат наставниците, оние кои се секојдневно покрај нас, кои, паралелно со родителите, се грижат за нашето воспитување.
И иако има(в)ме омилени наставници, веројатноста дека во сите наши години образование сме се соочиле со недобар (да не речеме лош) наставник, е голема.
И токму поради нив и некои неубави ситуации, не сакавме да одиме на училиште.
Ова се случува во целиот свет, а корисниците на Редит споделија свои непријатни искуства и раскажаа ситуации со наставници поради кои не го сакале (дури и замразиле) училиштето:
„Кога ќерка ми беше во осмо одделение, доби четворка по физика, иако беше одлична по сите други предмети, а одеше и на натпревари по физика.
Наставничката не сакаше да ѝ ја поправи оценката и кога ја прашав зошто не сака, таа ми рече: ‘Златото треба да сјае, а вашата ќерка не сјае како злато’.
Ќерка ми беше со мене и го слушна ова, и иако се разочара, не се откажа. Во средно секогаш беше најдобра по физика, а освои и неколку трофеи на натпреварите.
Мислам дека јас ја мразев повеќе наставничката од неа“.
„Математиката секогаш ми одела тешко, а мојот наставник не знаеше добро да ни го објасни материјалот.
Учев на часови, учев дома со родителите, ама не ми одеше.
Мислам дека бев седмо одделение кога ми се развика на цел глас дека сум глупава и дека ништо не правам како што треба.
Го замразив училиштето во истиот момент“.
„Во четврто одделение почнавме да учиме англиски јазик, а наставникот што ни предаваше беше многу злобен.
Ни викаше без причина и секој час барем по еден ученик во одделението кој му беше ‘на пик’.
Кога мајка ми ми купи стикери со Барби, ги залепив на тетратката. Но, учителот ги виде, се изнервира и ми ја искина корицата од тетратката.
Дома отидов со плачење и кога им ја покажав тетратката на родителите, не ми поверуваа, туку прво ме караа, а потоа ме казнија и ми забранија да гледам цртани филмови на телевизија цела недела.
Уште пострашно е што со денови ме убедуваа да признаам дека јас сум ја искинала тетратката, а не наставникот“.
„Во прва година средно имав наставничка која носеше раскопчани проѕирни кошули, под кои ѝ се наѕираа и папокот и градникот.
Истата таа наставничка, која не беше пример за професијата што ја работи, постојано викаше и се расправаше со нас ако не сме облечени „пристојно“, правеше скандали, нè испраќаше кај педагогот на разговор.
Мислам дека го замразев школото поради неа и бев пресреќна што во втора година веќе не ми предаваше“.
А. Ј. | Црнобело / фото: Freepik