За Бадник паричка дома, за Василица со пријателите - Како почнавме наша традиција која нè зближи уште повеќе?
Првата година сите бевме „изгубени“, никогаш претходно не сме кршеле пита за Василица. Какви се обичаите? Дали се исти како за Бадник? Што да има на трпезата освен пита? Кој ќе готви - дали домаќинот или сите да донесеме по нешто? А, да купиме пита со паричка? Или да ја замеси некој?
Во моето семејство лепче со паричка традиционално се крши за Бадник. Мајка ми ќе ја замеси погачата, а татко ми ќе ни ги раздели парчињата. И откако ќе ја најдеме паричката, се гостиме од посната сарма, рибата и питата со грав, специјалитет што мајка ми го наследи од баба ми. И сето тоа залеано со вино и ракија, по избор.
Но, веќе неколку години, имам уште една празнична традиција, ама со пријателите. Тоа се оние неколку луѓе со кои се гледам скоро секој ден, а ако не се видиме, по милион пати во текот на денот си испраќаме пораки на сите социјални мрежи, макар и глупави мемиња кои ни се смешни само на нас.
Тоа се истите оние луѓе кои се тука за мене кога сум најсреќна и најтажна, кои ми се и поддршка, и најголеми критичари и знаат да „ми ја плеснат“ вистината во лице. И токму со нив, во 2017 година си создадовме наша традиција, па секој 13-ти јануари кршиме пита со паричка.
И Василица, исто како Бадник и Божиќ, е ден кој треба да го поминеш со семејството, а овие пријатели се дел од моето второ семејство долго време.
Првата година сите бевме „изгубени“, никогаш претходно не сме кршеле пита за Василица. Какви се обичаите? Дали се исти како за Бадник? Што да има на трпезата освен пита? Кој ќе готви - дали домаќинот или сите да донесеме по нешто? А, да купиме пита со паричка? Или да ја замесиме?
На крајот, питата беше домашна, виното црвено, а имаше и по нешто кисело... Седнавме на масата, а домаќинот ја сврте трипати, исто како бадниковото лепче, почна да ги дели парчињата и првата паричка му се падна нему.
Следната година пак се собравме кај него. Една година бевме кај мене, двапати кај една другарка, а пред некоја година „се собравме“ на видеоповик на Вибер, оти сите бевме болни од корона во тоа време.
Но, традицијата не ја прекинавме.
Деновиве се подготвуваме за осмиот „семеен“ ручек за Василица. Покрај многуте работи што нè поврзуваат, и ова создава нераскинлива врска меѓу нас. И нè прави уште поблиски.
И искрено, на крајот на денот, некако и не ни е важно кој ќе ги добие паричката и кумството за следната година, сè додека ја одржуваме традицијата. Бидејќи, некои пријатели со текот на времето стануваат вистинско семејство.
А, јас сум среќна што ги имам нив и уште неколку што можам да ги наречам „мои“, кои не се „крв“ но ми се секојдневие и со кои ме врзува подеднакво силна врска.
Со нив не ја сменивме традицијата на нашите семејства. Само си создадовме нова, убава и наша, која се надевам ќе трае до недоглед...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело