Заради местата и луѓето кои ми се драги: Зошто го сакам Скопје?
Скопје го сакам најмногу заради спомените и среќните мигови поминати во него и оние кои ги живеам во моментов. Градот веројатно не го прави неговиот изглед, загадениот воздух и запоседнатите тротоари од автомобили. Градот го прават за мене убав токму сеќавањата и миговите кои се дел од нашето секојдневие.
Го сакам Скопје заради местата и луѓето кои ми се драги.
Го сакам Пржино и за мене секогаш ќе биде најубава населба во градот, и покрај тоа што сега е пренаселена, нема ни трага од маалото со куќи, безгрижните деца што играат жмурки по улици и врева до доцните часови. Го сакам Скопје кое во мое време имаше автобус 16-ка на 1 час, па затоа имам еден куп сеќавања направени пешки од Корчагин до Пржино.
Го сакам Скопје заради сеќавањата на едни од најбезгрижните денови во мојот живот – дружбите на крукче на Плоштад, „киснењето“ во МекДоналдс пред да одиме во диско, првите излегувања во МНТ, Ла Фабрик, Сабвеј, Елемент, Уна, Булевар. (И да, за жал, ништо од ова не постои денес во Скопје).
Го сакам Скопје заради Градскиот Парк во центарот на градот. Сеќавањата на детството со шеќерна волна и јаболко во прегорен шеќер, кои сега ги купувам за моите деца. Убави и безгрижни собиранки се случуваа во паркот во нашата младост.
Го сакам Скопје заради Водно, затоа што има планина толку блиску и е еден од ретките градови каде што можеш да си на планина за толку кратко време.
Го сакам Скопје заради таксистите и сите приказни кои лежат во нив при секое такси возење.
Го сакам Скопје затоа што нема странец што дошол во земјава да не добил впечаток дека оддаваме впечаток на безгрижен град и луѓе кои се постојано во кафулиња и кафеани. Иако во реалноста не е така, ми се допаѓа впечатокот кој го оставаме на другите.
Го сакам Скопје заради убавите прошетки по Партизанска и Илинденска, мирисот на липите и расцутените цреши на Максим Горки.
Го сакам Скопје заради утринското „Добро утро“ со тетката која секој ден ги мете улиците со насмевка.
Го сакам Скопје заради муабетите со тетките и чичковците на пазарче, ценкањето за подобра цена и букетите со цвеќе кои со задоволство ги купувам од тротоарчето пред Буњаковец.
Го сакам Скопје заради маалските дуќанчиња каде можеш да најдеш „од пиле млеко“ без да влегуваш во голем маркет.
Скопје е град во кој живеат и маалските кафанчиња, каде не мора да си дотеран за да излезеш да се напиеш пиво со другарите. Град во кој луѓето уживаат да јадат во пекарници после диско.
Го сакам Скопје заради првите работи кои се случиле во него: првиот училиштен ден во „Браќа Рибар“, првата љубов, првата караница со другарките, првите чекори на моите деца.
Го сакам Скопје заради откачените матурски забави до зори и играњето по клупи во училиште.
Го сакам Скопје заради сите сончеви денови кои ми изнудуваат насмевка и дозволуваат да пиеш кафе надвор во секој период од годината.
Скопје е град во кој Центарците сакаат да се закачаат со Аеродромците. Град во кој има и шмизли и рокери и ангерграунд фраери.
Го сакам Скопје и затоа што имаме море на 3 часа возење.
Го сакам Скопје иако ми фалат голем број од пријателите кои повеќе не живеат тука. Затоа што и со нив имаме спомени вредни злато.
Скопје е град во кој со сигурност знаеш дека ако поминеш во пролаз ќе мириса на урина. Град во кој можноста да возиш количка со дете по тротоар е сведена на минимум. Град во кој царува неред од аспект на архитектура и урбанизам, град во кој сите сакаат да си купат стан иако го гледаш „комшијата“ по гаќи во прозорецот од карши. Па, дури и сето тоа му дава посебен шмек.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
E. П. | Црнобело